Tags: , ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>19 ноември 1956 и 1959 година

Најголемото промашување во автомобилската историја воопшто

» Датумот 19 ноември е врзан со два настани на Ford – најавувањето и згаснувањето на новата марка Edsel. Сé започна кога раководството на компанијата незадоволно што нивната премиум дивизија Lincoln не му конкурира на Cadillac туку на Oldsmobile, Buick и DeSoto, реши да ја позиционира повисоко. Со тоа покрај Mercury се создаде пазарна празнина на средината на понудата која требаше да биде пополнета со нешто ново. Маркетиншките истражувања и развојот на новата гама започнаа во 1955 година под називот E car произлезен од терминот експериментален автомобил и уште на почетокот тргнаа во погрешна насока – новата марка ја нарекоа Edsel по прерано починатиот син на Хенри Форд и покрај противењето на Хенри Форд II и дел од луѓето што работеа на маркетингот кои тврдеа дека такво име на просечен Американец ништо не му значи и дека заради недостатокот на звучно име ќе загубат продажба на 200.000 автомобили годишно.

Токму овој податок кажува колкави беа амбициите на Ford за новата марка, кои за да се остварат компанијата здраво се зафати за работа. Беше развиена гама од седум модели, организирана продажна мрежа од 1.187 дилери и направена огромна маркетиншка кампања која вклучуваше и посебна забавна емисијата на телевизија под називот Едсел шоу. Појавувањето на новата марка беше најавено на денешен ден 1956 година, а идниот септември таа беше и претставена. Производството започна некој месец порано за да се подготви доволна количина возила за продажните салони и очекуваната голема побарувачка. Возилата имаа доста невообичаен дизајн на предниот дел со вертикална маска, некои напредни технички карактеристики како што се самоподесливите сопирачки и беа опремени со невообичаени нешта – менувачот се командуваше со копчиња на средината на управувачот, брзинометарот беше ротирачки и слично.

Но, сето тоа не им се допадна на купувачите. Најмногу маската, која беше предмет на зајадливи коментари – на едни им личеше на коњски амут, на други на Oldsmobile што цицал лимон, на трети на седиште за тоалет-школка, а на најзлобните на женски полов орган. Самите автомобили беа големи, незграпни и со лош квалитет, а плус на тоа Америка ја зафати и рецесија. Така надежите на Ford за голем пазарен успех на Edsel се распрснаа како меур од сапуница и сé се претвори во ноќна мора за челниците на компанијата. А како и не би, кога првата година беа продадени 68 илјади возила, а се очекуваа 400 илјади. Рачната кочница беше подигната – Edsel ја загуби независноста и се припои на Lincoln-Mercury дивизијата, дилерите кои продаваа само Edsel се охрабрува да се прошират со другите марки од групацијата па дури и со возила на Ford увезени од Велика Британија и Германија, а гамата беше редуцирана прво на три а потоа на само два модела, за на крај, после само две години на пазарот и произведени 118 илјади возила, на денешен ден 1959-тата да биде објавено дека марката ќе биде згасната.

Така, од амбициозен проект Edsel се претвори во деловна катастрофа и најголемо промашување во автомобилската историја воопшто, носејќи му на Ford вкупни загуби од 350 милиони долари, што е околу 3,3 милијарди во денешна вредност.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *