Под силно влијание на Grandsphere концептот
» Веќе е извесно – идниот Audi A8 ќе се појави во 2024 година и ќе биде под силно влијание на Grandsphere концептот. Она што не е докрај извесно е кој пат ќе следи марката од Инголштат – дали оној на BMW кој ја понуди електричната верзија на серијата 7 во пакет со дизел, бензинските и плаг-ин верзиите заедно или пак оној на Mercedes каде EQS е издвоен од S-класата како засебен модел. Има и трета варијанта – идниот A8 да биде само електричен, која можеби е и најверојатна, како што впрочем и се зборуваше пред претставувањето на концептот. Сепак што и да одлучат господарите на четирите прстени, купувачите ќе добијат елегантна лимузина со спуштен заден дела како Panamera. Таа со Porsche ќе има уште нешто заедничко – електричната премиум платформа. Можеби ќе биде малку пократка – должината на концептот е растегната на величествени 5,35 метри, ама ќе биде тоа.
За техничките спецификации на серискиот модел допрва ќе чекаме – концептот претставен есента 2021-вата имаше електромотор и со 720 коњски сили кои ги задвижуваат сите четири тркала до 100 km/h за нешто повеќе од четири секунди. Големиот пакет батерии од 120 kWh има доволно капацитет за поминување 750 километри и поддршка за полнење на 270 kWh, во кој случај за нешто повеќе од 20 минути ќе се дополнат од 5 на 80 отсто.