За семејството и сите што ги сакаме повеќе од автомобилот
» За новата Opel Astra нема што уште да се зборува – додека чекаме таа да пристигне во продажните салони, дознавме сé за неа. Најбитното е што е базирана на француска механика, што претставува силен импулс за нејзино пазарно пробивање. Дизајнот остана германски, а она што го загуби се тривратната и лимузинската изведба. Затоа пак караванот е тука и тој ќе остане дел од асортиманот на моделот чие наследство кај нас влече корени уште од Kadett.
Затоа без изненадување, за разлика од поранешните изведби, сегашниот караван има за 57 милиметри поголемо меѓуоскино растојание, додека вкупната должина му е зголемена за импозантни триесетина сантиметри. Тоа е француската формула која на Astra Sports Tourer како што официјално се вика ѝ донесе багажник од стандардни 608 литри, кои лесно се зголемуваат на 1.634. Триделната задна клупа во однос 40:20:40 се подразбира, а дополнително подот на багажникот е организиран на две нивоа. Можеби треба да споменеме дека пристапот до долното ниво е овозможен како од багажникот така и од задната клупа, што практично значи дека не мора сé да се вади од багажникот за да се дојде до тоа што е под двојното дно. Тука уште треба да споменеме и дека прагот на багажниот простор е на 600 милиметри височина, додека петтата врата се отвора електрично, со мавтање на ногата под задниот браник.
Гамата расположливи погонски склопови е идентична како и кај хечбекот, вклучително и плаг-ин хибридите кои имаат за нијанса помал багажен простор. Продажбата на Opel Astra Sports Tourer ќе започне пред годишните одмори, а во текот на 2023 година треба да очекуваме и нејзина електрична верзија. Некои споменуваат и дека може да се појави под значката OPC, ама затоа засега официјално нема ниту збор – ниту германски, ниту француски.