Кој е Кристијан фон Кенигсег, основачот на Koenigsegg
» Кристијан фон Кенигсег, роден 1972 година, уште од мал мечтаел за автомобилите, но животот за малку ќе го одведел на друг пат. Со силен иноваторски дух тој уште како млад веќе имал патентирано неколку пронајдоци, меѓу кои компјутерски чип со снимена музика и систем за спојување на подни штици без шајки или лепило. Со автомобилите решил да се испроба на 22-годишна возраст, кога во 1994-тата е основана компанијата на која ѝ го дава своето презиме. Првиот прототип на ултраспортски автомобил, моделот CC со композитна шасија како кај болидите од формула 1, е направен уште во 1996 година, а продажбата на серискиот модел CC8S кој произлезе од него започна во 2002-рата. Следеа мноштво еволуциски изведби, меѓу кои најпознат е CCX. Новата ера за Koenigsegg започна 2010-тата со Agera, кој исто така доби неколку изведби. Од 2015 година во понуда е хибридниот модел Regera, во чија изработка учествуваше и Rimac, за на почетокот на деценијава да бидат лансирани уште и Jesko, Gemera и CC850.
Koenigsegg во 2009 година се обиде да го презеде далеку попознатиот и поголем Saab, но, за среќа, не успеа во таа намера. Така, покрај Pagani остана најдобар пример како со добро осмислен концепт може да се успее во највисоката и најскапа класа возила.