Кралицата Елизабета II возеше и на 95 години

Немаше возачка дозвола ама возеше и на 95 години

» Кралицата Елизабета II беше позната и по тоа што беше добар возач. Таа ги сакаше автомобилите, но не патеше од луксуз. Научи да вози во текот на втората светска војна кога беше школувана за возач и механичар. Но бидејќи во тоа време возачките испити беа суспендирани за да не се оптоварува државната администрација, таа никогаш не побара да ѝ се издаде возачка дозвола. Служејќи ѝ на земјата во најтешките моменти таа разви доста добри возачки вештини и не се откажа од возењето практично сé до својата смрт.

Нејзиниот афинитет за тоа најдобро го илустрира приказната од 2003 година од посетата на престолонаследникот а потоа и крал на Саудиска Арабија, земјата во која тогаш на жените не им беше дозволено да возат. За време на неговиот престој на кралскиот имот во Шкотска кралицата го запрашала дали сака да го разгледа, што овој секако љубезно прифатил. Но она што не го очекувал е дека таа во својата 77-ма година од животот ќе седне зад управувачот на теренскиот Land Rover и лично ќе го провози. Забележувајќи ја неговата нервоза, кралицата се охрабрила малку побрзо да вози низ тесните и џомбести патчиња, релаксирано муабетејќи со него. До толку што тој во еден момент преку преведувачот да ја замоли малку да забави и да се концентрира на патот пред себе.

Еден од највредните, ако не и највреден автомобил во кралската колекција е Rolls-Royce Phantom IV кој Елизабета и нејзиниот сопруг го имаат нарачано во 1950 година. Но кралица сакаше обични автомобили, пред сé теренци и каравани. Во јавноста се чести нејзините фотографии како седи зад управувачот на Vauxhall Cresta од 1961 година, а последен забележан момент како таа вози е од 2021-тата со исто караванскиот Jaguar X-Type. Ова најдобро илустрира дека кралицата ги возеше автомобилите кои ѝ се допаѓаат, а не оние кои требаа да го покажат нејзиниот општествен статус.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *