Кабриолет, но каков?

Што треба да се знае пред купувањето кабриолет?

» Кабриолетите се примамливи, но дали и практични? Секако, можат да се возат и во текот на зимата но дали ќе уживате во тоа зависи од повеќе работи. Некое посебно запознавање не е потребно, но пред да се одлучите треба да ги знаете нивните специфики. Прво, иако тоа не е многу битно, е дека се користат различни називи за нив, кои некогаш порано ја означувале нивната различна конструкција, но сега производителите ги употребуваат овие термини произволно. Значи, не трудете се да откриете која е разликата меѓу родстер, спајдер, кабриолет или некој друг каков и да е израз.

Затоа пак побитно е да се одлучите дали сакате кабриолет со две или четири седишта. Возилата со две седишта се поатрактивни, поскапи и помалку практични. Тоа не значи дека во кабриолетите со четири седишта навистина можат да се возат четири лица, освен можеби во поголемите модели и со градски брзини, но затоа задните седишта можат да се користат за багаж. Наредна исто така битна одлука е каков покрив да има вашиот иден кабриолет. Најлогичен избор би бил платнен, но и металниот има добри страни. Платнениот побргу се отвора и склопен зафаќа помалку место во багажникот, но затоа кога е затворен возењето со автомобилот е побучно. Проблем исто така е што со текот на времето материјалот ќе остарее, ќе почне да пропушта дожд или пак да се кине, а треба да мислите и каде паркирате затоа што може да привлече несакано внимание кај луѓето со лоши намери. Кабриолетите пак со цврст покрив кога тој е затворен се трансформираат во купе возила, но нивниот механизам е покомплициран, возилото е потешко а не можете многу да сметате на место во багажникот кога е отворен. Но впрочем тоа повеќе  или помалку е проблем кај сите кабриолети, освен можеби најголемите и најлуксузните.

Понатаму, треба да сте свесни дека возењето кабриолет со отворен покрив со големи брзини воопшто не е пријатно, ниту пак дека возилото ќе ја има истата динамика како и неговата класична каросериска верзија. Заради отстранувањето на горните метални делови од каросеријата нејзината крутост е помала, што значи дека повеќе ќе се витка при брзо поминување низ свиоци. Заради тоа конструкторите додаваат дополнителни засилувања на каросеријата што ја зголемува тежината на возилото, со што се влошуваат  неговите перформанси. За крај најважното – безбедноста мора да остане приоритет така што при секое беснеење со возилото имајте предвид дека над вашата глава немате заштитен кафез кој ќе спречи тоа да не ве смачка при превртување, ако претерате со сé.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *