Контроверзниот генијалец
» На денешен ден 1947-мата, на 83-годишна возраст, почина Хенри Форд, човекот што постави светот на тркала и го револуционизираше транспортот. Во раните инженерски години беше познат по желбата да ги доведува работите до перфекција, што му стори доста проблеми со инвеститорите. Сличен настап имаше и со Model T, кој, воден со желбата да направи издржлив и евтин автомобил наменет за широките маси го развиваше цели пет години. Успеа во тоа дури од 20-тиот обид заради што овој автомобил ја доби буквата Т, која е 20-та во абецедата. Но Хенри Форд тука не заврши со предизвиците. Тој во потрагата по начин за што помасовно и поевтино производство воведе нови револуционерни методи – големи производствени погони, употреба на стандардизирани, заменливи делови и монтажната лента. Тоа му овозможи да ја намали цената на автомобилот за три пати, истовремено зголемувајќи ги повеќе од двојно надниците на работниците.
Но Хенри Форд беше далеку од светец – се караше со сите, дури и со својот син, а имаше и контроверзни политички ставови. Дотолку што за неговите антисемитски написи и изразувањето восхит кон Адолф Хитлер и Германија, беше одликуван со највисокиот медал на нацистичкиот режим што можеше да го добие странец. Хенри Форд поголемиот дел од својот личен имот, проценет на 205 милиони долари, го остави на фондацијата Форд, а компанијата на семејството.