Големи надежи, слаби резултати
» После ослободувањето на Франција, Renault западна во големи проблеми. Основачот Луи Рено кој беше уапсен под обвинение дека соработувал со нацистите под чудни околности почина во затвор чекајќи го судењето, а компанијата беше национализирана. Таа едвај опстануваше со единствениот успешен модел, малиот 4CV кој во тајност беше развиен за време на војната, додека двата други модела, предвоениот Juvaquatre и караванскиот Colorale слабо се продаваа. На марката ѝ требаше репрезентативен модел кој ќе ѝ го подобри имиџот, а се сметаше и на една нова категорија купувачи – средно богати луѓе кои во обновата на разурнатата земја видоа добри бизнис потенцијали. Така настана лимузината Fregate.
Првите прототипи беа направени според истата шема како и 4CV кој имаше мотор назад, но проектот одеднаш во 1949 година беше прекинат и беше одлучено новиот модел да има мотор сместен напред. Тоа им зададе доста мака на инженерите, кои сепак успеаја да ја завршат својата работа до крајот на идната 1950-та и да го претстават новиот модел на новинарите на 30 ноември, но тој сепак не беше подготвен за производството кое доцнеше цела година. Елегантните линии и пространата каросерија во која имаше место за шест патници одушевија, но не и лошата изработка и слабиот 60-коњски дволитарски мотор со кој едвај качуваше 124 km/h, а плус на тоа трошеше и 15 литри во просек. Продажбата стартуваше слабо и Renault постојано го усовршуваше моделот разубавувајќи го и додавајќи нови верзии. Така во 1956 година доби караванска изведба и посилен мотор со 77, а наредната ’57-ма со 80 коњи и тристепен полуавтоматски менувач, а некои независни каросеристи во многу мали количини го понудија и во купе и кабриолет изведби.
Но ништо од тоа не беше доволно за добри продажни резултати, посебно не после претставувањето на авангардниот Citroen DS. Renault Fregate се произведуваше до 1960-тата и за тие девет ипол години беа направени 180.463 примероци. Директен наследник немаше, а место него Renault во само неколку земји го понуди американскиот Rambler Classic Six кој во договор со American Motors Corporation го монтираше во својата фабрика во Белгија и продаваше под своите ознаки како Rambler Renault. Лекцијата сепак беше научена и Fregate го доби вистинскиот наследник во 1965 година – суперуспешниот Renault 16.