Во служба на нејзиното височество
» По повод златниот јубилеј на кралицата, Bentley ѝ подари специјално подготвен автомобил. Направен на основа на Arnage, тој од него е подолг за 83 сантиметри, поширок за 7 и повисок за 25 сантиметри. Опремен е со широки врати кои се отвораат наназад по речиси 90 степени, а на стаклата на задните седишта можат да се монтираат непрозирните панели за приватност на патниците. Каросеријата и стаклата се блиндирани, пневматиците засилени со кевлар, а кабината која е отпорна на експлозии може да биде херметички запечатена во случај на напад со гас. Моторот од 6,75 литри кој користи биогориво испорачува 400 коњски сили, а максималната брзина изнесува 210 km/h. Направен е уште еден примерок кој исто така служи како официјален автомобил на кралското семејство, заедно со уште три постари модела на Rolls-Royce. Се проценува дека цената на кралската лимузина на Bentley изнесува околу 10 милиони фунти. Сите пет службени автомобили на кралското семејство немаат регистарски таблички.