Одличен старт, лош финиш
» На денешен ден 1992 година Ford го претстави Mondeo. Тоа име го доби бидејќи беше деклариран како светски автомобил повеќе заради тоа што заменуваше три модела – Sierra во Европа, Telstar во поголем дел од Азија и другите пазари и Ford Tempo/Mercury Topaz во Северна Америка. Токму тој факт постави многу услови на неговите конструктори, кои мораа да ја развијат неговата платформа да може да прими и четирицилиндрични мотори поставени напречно и големи V8 агрегати сместени надолжно – кому што му треба. Тоа се одрази на внатрешноста која беше нешто потесна од конкурентите, но и на трошоците за развој кои достигнаа 6 милијарди долари – едни од најголемите во автомобилската индустрија за лансирање нов модел. На волку големата сума влијаеше и тоа што Ford за него не можеше ништо да искористи од Sierra и мораше сé да прави наново, заради што Mondeo доби и неколку навистина напредни и квалитетно решени конструкторски решенија.
Продажбата му започна во март 1993 година и веднаш постигна успех кој во тој момент на Ford во Европа и тоа како му требаше. Влијание имаше и опременоста – Mondeo беше прв автомобил воопшто кој во сите свои изведби и пакети доаѓаше со стандардна воздушна перница за возачот, карактеристика која му помогна да ја освои титулата „Автомобил на годината“ во Европа. Интересно е и што на Ford на почетокот како репер како треба да го развива Mondeo му послужи Honda Accord, а подоцна и Nissan Primera. Денес Mondeo е пред умирање, бидејќи од низа причини, малку екстерни повеќе интерни, од некогашните добро над 300 илјади возила годишно продажбата во Европа му се намали на 20-тина илјади, плус уште толку во Кина, додека во САД неговиот наследник Fusion веќе втора година не се произведува.