Tags: ,
Денешниот ден во ретровизор <br/>20 јануари 1946 година

Првите нови американски автомобили после втората светска војна

» Бидејќи продажбата на цивилни возила за време на втората светска војна беше забранета, после неа американските компании го обновија своето производство со предвоените модели. Единствен кој излезе со нова конструкција беше свежо основаната компанија Kaiser Frazer, која како подоцна ќе покаже времето, беше создадена повеќе со намера да се собере кајмакот од претстојниот пазарен бум од продажбата на автомобили. Токму на денешен ден 1946 година беа претставени нивните први модели, еден Kaiser и еден Frazer. Заради краткото време за развој тие беа недоработени и не можеа да се движат, но сепак ги покажаа различните идеи на своите основачи според кои требаше да се развива идната гама на компанијата. Така Kaiser имаше погон на предните тркала а неговиот пандан Frazer беше со конвенционална конструкција. Но проблемите кои требаше брзо и ефикасно да се решат оневозможија напредните решенија да стигнат до производствената лента, од која место две суштински различни започнаа да излегуваат скоро идентични возила со мали разлики меѓу себе. Сепак и тоа беше доволно до крајот на 1946-тата да бидат направени 11 илјади, а до ’48-тата дури 300 илјади возила. Интересот започна да опаѓа откако другите американски производители ги претставија своите новоконструирани автомобили, што неминовно доведе со несогласувања во компанијата која после неколку години се спои со Willys и престана да произведува патнички возила. Нејзин директен потомок денес е Jeep.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *