Автомобилот кој ја најави пресвртницата во VW (2*видео)
» Кога Volkswagen во април 1969 година го купи NSU, во мираз го доби и K70. Автомобилот беше предвиден за претставување еден месец пред тоа на салонот на автомобилите во Женева, но по налог на идниот сопственик вечерта пред отворањето на салонот беше тргнат од штандот на NSU. Така, за неговото оригинално потекло останаа да сведочат само ретките фотографии од веќе подготвените прес материјали (малата слика десно). Во потрага по нов правец на развој на своите возила, Volkswagen на него практично ништо не смени, дури ја задржа и оригиналната ознака К70 што ја имаше кај NSU – само му го закачи своето лого. Во тоа време VW ја градеше својата фабрика во Залцгитер и заради тоа како свој модел го претстави дури после година ипол, на 20 октомври идната 1970-та. Во однос на тогашната гама на марката беше напреден во многу нешта и имаше водено ладен мотор сместен напред кој ги задвижуваше предните тркала. Но беше комплициран и скап за производство заради некои од применетите технички решенија, кои истовремено лошо влијаеја и на перформансите. Затоа и Volkswagen не му посвети многу внимание, а одбивно кон него реагираа и тогаш сé уште традиционално настроените купувачи. Се произведуваше до мај 1975 година и беа продадени точно 211.127 примероци од него, додека под знакот на NSU беа направени 23 претсериски возила.