Автомобилот кој ја смени историјата
» Иако првите возила кои конструкторски можат да се дефинираат како хечбек датираат од ’30-тите години на минатиот век, историјата го признава Renault 16 како прв таков големосериски модел. Неговото производство започна на денешен ден 1964-та во сосема новата фабрика во Сандувил. Со години новинарите на кои им беше претставен еден месец потоа имаа проблем како да го нарекуваат и најчесто го опишуваа со зборовите „ниту седан, ниту караван туку нешто различно“. Плус на тоа имаше и повеќе напредни технички решенија, модерен елитистички изглед и динамични перформанси, а беше удобен и практичен и затоа не чуди што ја доби титулата „Автомобил на годината“ во Европа. Терминот хечбек за прв пат започна да се употребува на почетокот на ’70-тите години, кога Renault 16 веќе наголемо беше етаблиран ширум целиот свет – покрај во Франција се произведуваше уште и во Алжир, Мароко, Канада, Австралија и Југославија. Беше толку популарен што и покрај појавувањето прво на Renault 30 а веднаш потоа и на моделот 20 во 1975-тата како негови наследници, остана во производство уште пет години. Беа направени вкупно 1.851.502 примероци од Renault 16, сите до еден со истата хечбек каросерија – обидите да се понуди како класичен седан со четири врати и купе-кабриолет со тврд отстранлив покрив останаа само обиди и не отидоа подалеку од фаза на прототипи.