Безвремена елеганција
» Jaguar E-Type, еден од најпретставителните британски спортски автомобили, премиерно беше покажан на денешен ден 1961 година на посебен настан пред околу двесте новинари на салонот во Женева. Неговото појавување предизвика сензација во светот на автомобилите, не само со супериорната комбинација на фантастичниот дизајн и возбудливите перформанси, туку и со цената која беше значително пониска од сличните модели на Ferrari, Aston Martin и Chevrolet и конкурентна во однос на значително побавните возила на Porsche и AC. Механиката која и не беше така современа ја наследи од XK150 – 3,8 литарскиот мотор со 265 KS и четиристепениот менувач. Но затоа перформансите и убавината никој не ги спореше – постојат гласини дека за него Енцо Ферари рекол дека е најубавиот автомобил направен било кога. Беше на располагање како родстер и купе, а се произведуваше до 1974 година.