Tags:
Возење во зима

Битно е навреме да се препознаат критичните ситуации

» Мокар коловоз, дожд, снег, мраз, магла – сето тоа е зимски декор. Условите на патот во зима можат брзо да се променат, заради што битно е возачите навреме да ги препознаат критичните ситуации. Но што може да се направи за да се биде максимално подготвен?

Најважните нешта што секој возач треба да ги има на ум во секое доба од годината е да не дозволи ништо да го попречува, секогаш да вози на доволна оддалеченост од другите учесници во сообраќајот и да се придржува до ограничувањата. Во есен или зима возачите треба да ја проверат временската прогноза пред поаѓање на пат, а добро е и да се тргне малку порано за да се намали стресот, посебно до работа ако патувате подолго. Пред тргнување автомобилот треба целосно да се исчисти од снег и мраз, вклучувајќи го и покривот – ако видливоста не е добра, не може ни добро да се реагира. Стилот на возење секогаш мора да биде според условите на патот, а возилото да биде подготвено, што подразбира и зимски пневматици со најмалку четири милиметри длабок профил. Во возилото треба да се има стругач за мраз, а метлата (или четка) за чистење на снегот да се чува дома – не ви вреди ако таа е во возилото. Понекогаш од помош може да биде и спреј против мраз. Синџирите за снег без разлика што имате зимски пневматици се неопходни ако патувате на планина, а нивното монтирање треба претходно да се извежба на суво. Во садот за миење на ветробранското стакло треба да има доволно течност која не замрзнува, а ако имате постар акумулатор проверете го пред зимата.

Ако на ниски температури на асфалтот има потемни делови, тоа укажува дека коловозот може да биде замрзнат. Кога од страна покрај патот има снег, коловозот често е лизгав. Ако пак на патот има снег кој е цврст, очекувајте на коловозот под снегот да има мраз. За екстра внимателност возете со за половина помала брзина и на поголемо растојание – барем три секунди од возилото напред. Кога ќе се случи да наидете на лизгав дел од патот, најбитно е да останете смирени и да не паничете. На замрзната подлога патот на кочење е три до четири пати подолг и за автомобилот да не излизга и изгубите контрола треба да се избегнуваат нагли вртења со воланот и силни кочења. Ако возило со мануелен менувач почне да се лизга, притиснете ја педалата на спојката. Истото треба да се направи и при менување на лентата на возење на пат со снег – да се притисне педалата на спојката и да се пушти автомобилот да премине во другата лента. При тргнување на замрзната подлога пробајте во втор степен – така на тркалата се пренесува помал вртежен момент и тие помалку ќе пролизгуваат.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *