Tags: ,
Внатрешни камери

Неопходност или корисност, или и двете?

» Кој памети, пред некој месец бевме сведоци на драматичен директен судир помеѓу две возила снимен од камера монтирана во возилото кое се движеше зад нив. Од снимката беше повеќе од јасно видливо очигледното опасно однесување на возачот виновник кој само после некоја минута во полна брзина се заби во возилото кое доаѓаше од спротивен правец. Но, за жал, нашето законодавство тие снимки не ги прифаќа како докази. Зошто? Дали се работи за застарена и надмината регулатива или пак зад оставањето надвор од законот овие корисни уреди намерно се елиминирани од законската регулатива. Објаснувањето од надлежните дадено пред неколку години гласеше дека постои голема можност за интервенции и манипулации во видео записите. Некогаш тоа тврдење можеби и имало некаква основа, но од денешен аспект тоа е само еден мал технички апсурден изговор.

Ако се осврнеме на светските и европските искуства ќе видиме шаренило кое се движи од облигаторно поседување на таа мини-видео опрема (во државите со големи територии), преку искуствата на признавање на видео записите како доказ, па сé до препораки за користење. Ама еве, ние успеваме да останеме уникатни и на места каде тоа не се очекува од нас. Причините за оставање на овие уреди надвор од практичната употреба остануваат апсолутно нејасни. Или можеби некој има конкретна корист од арбитрирање – а со тоа и можност за манипулирање – со материјалните и нематеријалните штети од сообраќајните незгоди? Убедувањата за корисноста па дури и облигаторната употреба на внатрешните камери би личеле на објаснување на феноменот „млака вода“. Едноставно сите ние треба да ги имаме во нашите возила. И не само поради брзото и недвосмислено разјаснување на околностите под кои настанала конкретна сообраќајна незгода, туку исто толку важно, во превенирање на дивото однесување на несовесните возачи. Познато е искуството од Шведска и Велика Британија каде волонтери го снимаат однесувањето на несовесните возачи па преку ГПС снимките со прекршители завршуваат директно во полиција. Законските постапки понатаму си течат, а сообраќајот е побезбеден за сите.

На сите овие позитивни светски искуства нашиот законодавец одговара со „строга забрана” за употреба на камери во возилата. Апсурдот оди до таму да се советува деактивирање на сериски вградените камери кои помагаат при паркирање. Објаснувањето дека само полицијата смее да снима на јавни патишта е рецидив од некои дамнешни времиња и рестриктивни општествени системи. Замислете сега како би изгледало возењето на електрично возило со автономно управување кое е составено од цела низа радари, камери и сензори. Апсурд!

Да не должиме, корисноста од внатрешните камери содржи повеќе димензии. Забраната на користење оди во спротивен правец на безбедносните системи. А камери со одличен квалитет и можност за неколкучасовно меморирање на снимките се нудат веќе за педесетина евра. Апелираме до надлежните за под итно менување на законската регулатива во корист на употребата на внатрешните камери!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *