Што ја одбележа автомобилската 2021 година?

Уште една катастрофална година

» Во автомобилска смисла 2021-ва скоро по сé ќе се памети по лошо. Почна лошо, продолжи полошо, а заврши уште полошо со прогнози дека лошото можеби нема да станува полошо, но ќе потрае. Како дежурен виновник за тоа ја обвинуваат пандемијата, ама не оди сé на нејзина душа – за недостатокот на чипови повеќе си се виновни самите производители заради лошото планирање и своето деспотско однесување кон добавувачите предизвикани од лакомоста отколку последиците од пандемијата, која само ја имаше улогата на прекинувач. Запечатувајќи ги сите постоечки и идни планови за тековните активности, производството и развојот на неодредено ниво, нарушените текови на снабдување донесоа долги листи на чекање и повисоки цени на новите автомобили. Тоа пак предизвика зголемување на цените на половните возила, некогаш и над нивото на разум – за некои користени автомобили треба да се плати повеќе отколку што дилерите (кои ги немаат на залиха) номинално ќе ви побараат за да ви продадат нов.

Таков е примерот со Toyota Yaris и Dacia Sandero во Франција и тоа не е случајно – токму овие два модела се едни од оние кои ја одбележаа 2021 година. Yaris благодарејќи на хибридниот погон е носител на нејзината титула „Автомобил на годината“ во Европа, а романскиот хечбек со својот доста поволен однос на практичноста и цената едноставно е продажен хит – според податоците на Jato Dynamics за 11-те месеци тој во продажбата се најде на втората позиција во Европа, зад Golf кој годинава на месечно ниво почесто го немаше на тронот отколку што беше на него. Имаше случаи кога го немаше ниту меѓу првите 10, што доволно илустративно кажува колкави турбуленции настанаа на пазарот.

Сепак годината што ја испративме не беше без светли моменти, кои во оваа што доаѓа ги очекуваме во поголем број. Поголем број продадени примероци Volkswagen очекува и од своите електрични пулени ID.3 и посебно ID.4. Математиката досега малку им ја нарушија веќе остарениот Renault Zoe и апсолутниот европски електричен хит Tesla Model 3, а Dacia Spring допрва ќе им ја нарушува. Сите тие се зафатија со неблагодарната задача да покажат дека електрификацијата не е само да се направат прескапи SUV модели, лимузини од пет и повеќе метри, пикапи со илјада коњски сили и супер автомобили кои постигнуваат 400 km/h. Конечно време е електричните технологии да дојдат таму каде отсекогаш требале да бидат – на градските улици.

А на нив секогаш ќе има место и за „класичарите“, кои и покрај сé повеќе присутните плаг-ин решенија ќе освојуваат и со своите дизел агрегати, барем додека еколошките стандарди им го дозволуваат тоа. Такви се Peugeot 308 и Opel Astra кои имаат потенцијал да ја окупираат продажбата во Ц-сегментот. Дали ќе се случи тоа зависи многу и од цените, чии први бројки ги прават скапи како отров. Но што да се работи, такви се времињата и тоа никој не може да го запре – купувачите на автомобилите со обични мотори мора да плаќаат и за електрификацијата.

Автомобилска индустрија рапидно се менува, не секогаш на подобро. Сведоци сме на нејзиното прегрупирање и приказните што ни ги пласираат нејзините раководечки структури кои понекогаш ги навредуваат здравиот разум и интелигенцијата на купувачите. Треба да бидеме свесни за реалноста која и не е така црна, но може да стане. А против тоа можеме да се бориме само со добрата информираност, затоа што крајниот збор сепак го имаат купувачите.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *