Чудни сообраќајни правила ширум светот

Дали знаете колку компири смеете да превезувате?

» Секако дека не знаете, бидејќи такво законско ограничување кај нас не постои. Но затоа до скоро постоеше во Австралија. По дефиниција, сообраќајните правила се еден вид меѓусебен договор меѓу возачите, со посредство на државата, за да се  избегне хаосот во сообраќајот. Тоа значи и дека ако ние утре се договориме дека поминувањето на црвено светло ако се свртува десно е дозволено дури и ако нема зелена стрелка, така и ќе биде – сите ќе го знаат тоа и ќе го почитуваат со потребно внимание, без да се доведува безбедноста на сообраќајот во прашање. Ова не е измислен пример – ние што всушност тоа и го правиме, но кршејќи ги прописите ризикувајќи казна. Затоа пак вакво сообраќајно правило навистина постои во САД и некои други земји. Причината за неговото донесување се поврзува со нафтената криза од седумдесеттите години кога Американците заради ембаргото на ОПЕК морале да штедат бензин. Една од мерките кои за тоа тогаш се донесени е и оваа, со која се намалува работењето на автомобилот во место. Затоа и воопшто не треба да изненадува што и покрај меѓународниот карактер на сообраќајот, во многу држави низ светот важат чудни сообраќајни правила за кои, иако сега можеби немаат некаква смисла, кога биле донесени сигурно имало добра причина за тоа. Ова се само неколку примери.

Австралија

Австралија е една од земјите каде почесто се среќаваат чудни правила, кои знаат да се разликуваат од еден до друг регион. Така на пример во повеќето австралиски држави морате да го заклучите вашиот автомобил ако се оддалечите од него повеќе од три метри а прозорците не смеат да останат отворени повеќе од два сантиметри. Но ако ваквото правило донекаде звучи логично, тоа не може да се каже за законот кој забрануваше да се превезуваат повеќе од 50 килограми компири. Со него беа пропишани високи казни – од две илјади долари па нагоре, а најинтересно е што полицијата не мора да ги мери компирите со кантар, туку онака, од око да процени дали се премногу или не. Беше донесен 1946-та година за целата Австралија, за сојузните територии една по една да го укинуваат, но во Западна Австралија тој остана да важи сé до пред некоја година.

Кипар

На Кипар на возачите додека возат им е забрането да јадат или пијат, дури и вода, бидејќи обете раце мора да ги држат на управувачот.

Франција

Во Франција е задолжително во возилото да се има прирачен алкотестер.

Германија

Ако во Германија останете без гориво на автопат, ве чека казна. Германските автопатишта на кои на често нема ограничување на брзината се едни од најбезбедните токму затоа што на сé се мислело – од нивното проектирање и изградба преку едукацијата на возачите како да се однесуваат на нив, до ваквите сообраќајни правила.

Јапонија

Возењето пијан во Јапонија се сфаќа доста сериозно – ќе бидат казнети и сите возрасни лица што ќе влезат во автомобилот со пијан возач затоа што дозволиле тој да се однесува неодговорно. Ќе биде казнет и сопственикот на возилото ако дозволи пијан човек да го вози.

Шпанија

Возењето со слушалки на ушите секаде е опасно, ама во Шпанија и казниво, без разлика дали слушате музика или разговарате преку телефон.

Русија

Во Русија возачите ризикуваат да бидат запрени и казнети ако регистарските таблички на автомобилот не се чисти и не можат да се прочитаат од 20 метри растојание.

САД

Во САД не постои генерално правило за задолжителен технички преглед – тоа е оставено во ингеренција на сојузните држави. Така, во 15 сојузни држави технички преглед е задолжителен на една или две години, а во 10 никогаш – дури ни кога возилото се купува. Тоа сепак не значи дека возењето неисправно возило е дозволено.

Швајцарија

Во Швајцарија на возачите не им е дозволено да ги мијат своите возила дома. Забраната всушност се однесува за испуштањето во канализацијата на сé што може да ја контаминира водата, вклучувајќи ги и средствата и шампоните за миење автомобили.

Тајланд

Во Тајланд е топло и влажно, но не е дозволено да се вози гол од половината нагоре, без маица или кошула, без разлика дали се вози велосипед, мотоцикл или автомобил. Казните не се високи, но не им се простува ниту на туристите кои не го знаат ова правило.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *