Имате ли шест часа вишок време?
» Како дел од опремата на автомобилот која најретко ја користиме, прирачниците најголем дел од своето време го поминуваат во фиоката за ракавици – ретко кој од нас се фаќа за нив да ги прочита. За побрзо да им поминат карантинските денови, во Bristol Street Motors побараа одговор на прашањето колку често го правиме тоа и добија интересни резултати. Според нивното истражување спроведено на 350 возачи, 60% од нив воопшто и не се помачиле да го прочитаат упатството за користење пред прв пат да го возат својот автомобил. Дека повремено се консултираат со него кога ќе наидат на проблем се изјасниле 37%, а остатокот преферираат за тоа да ги прашаат пријателите или пак да се информираат од интернет, главно од YouTube.
Причината зошто е тоа така не треба да се елаборира, но сепак педантните Англичани ги споредија упатствата за користење на 30 најпопуларни возила во Велика Британија. И како што може да претпоставувате, генерално правило од кое сепак има исклучоци е колку возилото е поопремено и технички понапредно, толку прирачникот е подолг. Според нив, просечното време за читање на упатството изнесува 6 часа и 17 минути. Рекордер е Audi A3, за чие упатство кое има 167.699 збора требаат дури 11 часа и 45 минути за читање, додека за упатствата на Seat Ibiza и C-класата на Mercedes требаат цел час помалку. На другиот крај на листата се наоѓаат Vauxhall Zafira за чие упатство со 37.147 збора треба да се одвојат 2 часа и 36 минути. За споредба, Магбет која најдолгата драма од Шекспир, има 30.557 збора.
Колку за информација, Bristol Street Motors е британски синџир од 160 дилерства кои продаваат возила од 15 марки.
коментари