Tags: , , ,
тест Kia Sportage 1.6 CRDi 116 KS (фото-галерија, видео)

Избалансиран пакет за разумен избор

» Со генерации наназад Kia Sportage е атрактивен избор за купувачите, посебно на пазарите како нашиот каде еврото вложено во нов автомобил повеќе се цени. Затоа и со нетрпение беше дочекано пристигнувањето на новиот модел кој донесе многу новости. Најголемата е што оваа петта генерација на корејскиот хит модел кој се произведува во Словачка ќе ги освојува купувачите низ светот со регионално прилагодени верзии. Со ваквиот пристап повеќе се задоволуваат очекувањата на купувачите, бидејќи секоја верзија е подобро прилагодена на нивните желби. Така европската е покомпактна, со прагматично избрани погонски агрегати и технолошки напредна опрема.

Но, да започнеме од дизајнот. Новиот Sportage е резултат на соработката меѓу главните глобални дизајнерски студија на Kia во Кореја, Германија, САД и Кина. Неговиот изглед, филозофски гледано, е инспириран од природата, примајќи од неа слободен, храбар, софистициран и органски облик. Ако ја оставиме настрана далекуисточната филозофија на постоењето, петтата генерација на Sportage гледа во иднината со футуристички привлечен надворешен изглед на кој ретко кој може да му најде замерка. Ако и сепак има такво нешто, тоа ќе биде во функција како Sportage да изгледа уште подобро бидејќи храбриот и самоуверен, енергичен и сестран дизајн не остава повеќе простор за нешто друго. Неговиот изглед е така избалансиран да просто ве повикува да влезете внатре и видете со што тој ќе ви го открие својот карактер.

 

А таму целокупното внимание ќе ви го окупира дигиталниот кокпит, чии споени екрани го хипнотизираат погледот не дозволувајќи да се забележат другите детали за кои може доста да се зборува. Чувството дека се наоѓате во вселенски брод едноставно го поместува Sportage на повисоко ниво во SUV сегментот во кој врвните високотехнолошки додатоци се составен дел од современиот стил. И изборот на материјали и содржини во функционално организираниот ентериер го потврдуваат тоа. Од Kia велат дека просторот сега е поголем иако искрено немаше ни потреба за негово зголемување – ни на претходната генерација не и се наоѓаа замерки за тоа. Што се однесува до опременоста, нашиот увозник Киа Моторс Македонија го нуди Sportage со четири пакети, плус уште еден за првата серија, така што има за секого по нешто.

Истото може да се каже и за моторната понуда, која покрај класичните и благо хибридизирани агрегати во иднина ќе биде проширена и со хибридна и плаг-ин верзија кои сигурно ќе бидат примамливи. Но кој што сака нека каже, дизелите сепак и понатаму остануваат високо ценети од страна на европските купувачи. Затоа и радува храбрата одлука на Kia да го понуди овој современ модел со традиционално докажаните и економични агрегати, во верзии со 116 и 136 коњски сили. Бензинците располагаат со 150 и 180 коњи, а на купувачите уште им стои избор меѓу верзиите со погон само на предните или сите четири тркала и шестстепена мануелна или седумстепена автоматизирана трансмисија со двојна спојка. На крај сето ова е заокружено со палета од 13 бои и цени кои стартуваат од 24.900 евра. Што повеќе може да се посака?!

По случаен избор, ја возевме поевтината дизел верзија со First Edition пакетот на опрема чија акциска цена изнесува 26.900 евра, плус уште 600 за металик бојата. Овој пакет е побогат од основниот Reference 1 во неколку ставки меѓу кои и најатрактивната – споменатиот дигитален кокпит кој вклучува 12,3 инчен дисплеј за возачот и исто толкав но чувствителен на допир за инфо-забавниот систем со навигација, Android Auto и Apple CarPlay конекција. Под него, што е за секоја пофалба, се наоѓаат класични копчиња за регулација на температурата на повеќезонскиот клима уред, така што возачот нема потреба да го скршнува погледот од патот за тоа. Седењето е ергономски малку тврдо, а поставеноста на командите логична, дури и на рачната сопирачка која на прв поглед изгледа чудна. Можеби ни недостасуваше автоматското отклучување и заклучување на возилото без клуч и стартувањето на моторот со копче, но, како што рековме, Sportage е на располагање со пет пакети опременост, така што…

А кога моторот ќе се стартува, со копче или клуч, сеедно, се јавува со добро пригушен но сепак препознатлив звук што сите нам ни е толку мил. При забрзувањата реагира инстантно, а 116-те коњи бараат степен понизок пренос за да покажат колку умеат. Умен избор е за оние кои секојдневно го користат автомобилот во град и повремено ќе отпатуваат некаде подалеку, додека возачите кои често се на долги дестинации ќе се решат за посилниот 136-коњски дизел во комбинација со автоматизираниот менувач. Ослонувањето е оптимално подесено – при крстаречки брзини ги голта нерамнините на патот без потреси овозможувајќи пријатно и комфорно возење, а при брзо поминување низ свиоци ја држи каросеријата цврсто на траекторијата. Единствено ако асфалтот е нерамен тогаш задниот дел очекувано ќе потскокне малку, барајќи минимални корекции со управувачот или кратко отпуштање на педалата за гас. Најдоброто сепак следи кога патувањето ќе заврши – ние на тестот забележавме просечна потрошувачка од 6,5 литри на 100 километри, која можеше да биде и помала ако внимававме повеќе.

Како заклучок, можеме да кажеме дека Kia Sportage во оваа изведба е оптимално избалансиран пакет и разумен избор за оние кои купуваат нов автомобил за да им трае – да го возат и чуваат со години. Во прилог на тоа оди и седумгодишната гаранција.

 

технички податоци Kia Sportage 1.6 CRDi 116 KS
мотор дизел, четири цилиндри во линија, сместен напред попречно
работна зафатнина 1.598 cm³
пречник и од 77 × 85,8 mm
напојување турбо компресор, Common rail директно вбризгување, две брегасти оски, четири вентили по цилиндар
максимална силина 116 KS (85 kW) @ 4.000 min⁻¹
максимален вртежен момент 280 Nm @ 1.500-2.000 min⁻¹
трансмисија мануелен менувач со 6 степени, погон на предните тркала
ослонување напред мекферсон, попречни рамења, стабилизатор; назад мултилинк оска, спирални пружини, стабилизатор
сопирачки напред и назад самовентилирачки дискови, ABS, EBD, ESP
тркала 215/65 R17
должина × широчина × височина 4.515 x 1.865 x 1.650 mm
меѓуоскино растојание 2.680 mm
траги на тркалата напред/назад 1.615/1.622 mm
пречник на вртење 10,9 m
тежина 1.595 kg
максимална тежина 2.110 kg
приколка со/без сопирачки 1.650/750 kg
багажник 571/1.760 dm³
резервоар 54 l
максимална брзина 175 km/h
забрзување од 0-100 km/h 12,1 секунди
еколошки норми Euro 6d
комбинирана потрошувачка (WLTP) 5,1 l/100km
емисија на CO₂ 135 g/km
цена 26.900 евра со First Edition ниво на опременост, +600 евра за Reference 1, +3.600 за Reference 2

фото галерија, 141 фотографија

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *