Богата историја полна подеми и падови
» Автомобилите на Alfa Romeo важат за едни од најубавите во светот, без оглед во кое време од историјата настанале. Здивоодземачкиот дизајн и духот на марката што го имаат ги чини бесмртни. Се разбира, Alfa Romeo не би била тоа што е да немаше безрезервна поддршка од своите верни љубители. Оваа легендарна италијанска марка отсекогаш се ослонуваше на големи и фасцинантни потфати, но пред сé на вредната работа на илјадници луѓе. Во текот на сите овие години постоење, возачите, механичарите, раководителите и работниците на компанијата испишуваа делови од нејзината историја, некогаш цели поглавја, некогаш само по неколку реда, но секогаш горди што се дел од неа.
Безвременска убавина
Хронологијата на легендарните автомобили сеопфатно поставена во музејот на марката верно ги одбележува фазите на долгата и славна историја – од првиот автомобил направен во фабриката Портељо до новиот милениум. Патувањето низ времето ги вклучува и тркачките модели од славните дваесетти и триесетти години, подемот после втората светска војна, незаборавната ера на Giulietta и Giulia, смелите иновации кои ги воведоа Alfasud и Alfetta… Но, да започнеме по ред.
1906-1919
Францускиот производител Darracq во 1906 година основа својата подружница во Италија. Но првобитниот ентузијазам и големите амбиции спласнаа веќе 1909 година и миланскиот аристократ Уго Стела како еден од основачите и тогашен директор на компанијата обидувајќи се да го сврти тркалото на среќата во своја корист промовираше основање нова фирма – Anonima Lombarda Fabbrica Automobili, накратко A.L.F.A., која официјално беше регистрирана на 24 јуни 1910 година. Во тоа време Џузепе Мерози веќе имаше подготвено нов модел кој под ознаката 24 HP стана првиот автомобил на марката. Брзото појавување на серија нови модели прилагодени на италијанскиот пазар го донесе толку посакуваниот успех, но не и потребните финансии да се фати подем. Бидејќи на почетокот на првата светска војна компанијата не успеа да обезбеди државни нарачки, привремено беше згасната.
Во 1915 година раководењето со неа го презема неаполскиот бизнисмен Никола Ромео, кој во погоните на A.L.F.A. во Портељо започнува да произведува воен материјал – муниција, авионски мотори и други компоненти како компресори и генератори, дел од нив базирани на техниката на постоечките автомобилски мотори. Работата неумоливо растеше и во 1918 година на називот на компанијата тој го додава своето презиме. Во текот на војната производството на автомобили воопшто не се ни разгледуваше, но после нејзиното завршување, во 1919 година, тоа продолжи, за почеток со нивно склопување од преостанатите делови. Беа направени вкупно 105 возила, повеќето од моделот 20-30 HP кој беше првиот автомобил што ја носеше ознаката Alfa Romeo. Паралелно се работеше и на конструирање нови модели, со што започна нова ера за компанијата.
Меѓу двете војни
И додека Џузепе Мерози работеше, компанијата го ангажираше младиот Енцо Ферари како фабрички тркачки возач. Здружените таленти на нив двајцата ја лансираа марката високо во спортските орбити со тркачката верзија на моделот RL, со кој настапуваа уште и Антонио Аскари, Џулио Мазети и Уго Сивочи, кој, за да го разбие баксузот што го следеше, на својот автомобил нацрта зелена детелинка со четири листа, која подоцна стана симбол за перформансите на возилата на Alfa Romeo, не само на тркачките патеки. После овие успеси започнува славната ера со Виторио Јано како главен инженер кој го конструираше тркачкиот P2.
Во тој период Alfa Romeo уживаше голема популарност, со меѓународно познати култни модели и тркачки успеси кои се чинеа незапирливи. Но иако имаше имиџ на производител на најдобрите италијански автомобили кој со восхит го гледаше дури и Хенри Форд, реалноста беше сосема поинаква. Компанијата финансиски не беше стабилна, а после серија лоши инвестиции Никола Ромео во 1928 година беше принуден да ја напушти. Дополнително поткопана од глобалната криза и оптоварена со долгови, таа во 1933 година премина под државна капа.
Во периодот што следеше со дебела поддршка од владата таа стана голем, организиран и ефикасен индустриски конгломерат способен да произведува многу нешта – автомобили, тешки возила, локомотиви, бродски и авионски мотори… Како се ближеше војната така производството се трансформираше, за што се започна со изградба на нова фабрика во Помиљано д’Арко во близината на Неапол, наменета за воздухопловната индустрија. Трките беа препуштени на Scuderia Ferrari, а од тоа време датираат некои од најславните легендарни автомобили на марката, меѓу кои и 6C 2300 и 8C 2900. После овој златен период дојдоа годините на втората светска војна во која погоните на компанијата беа бомбардирани. Меѓутоа, тоа истовремено беа и одлучувачки години за иднината на Alfa Romeo.
Од педесеттите до денес
После војната производството полека наново заживуваше, но сепак беше јасно дека Alfa Romeo не може повеќе да прави елитистички и рачно изработувани автомобили. Моќните спортски успеси продолжија со 158 и 159 Alfetta кои доминираа на првите шампионати во формула 1, а во 1950-та дебитираше моделот 1900 како прв автомобил со монокок конструкција и произведен на монтажна лента. Следеше период на огромен развој. Giulietta и Giulia донесоа неочекуван раст и создавање имиџ без преседан. Започна изградбата на фабриката во Арезе и тркачката патека Балоко, а на почетокот на седумдесеттите години беа лансирани Alfasud и ултрамодерната Alfetta од која беа изведени серија брзи, технолошки напредни и ценети автомобили.
Но енергетската криза и тешката социјална, синдикална, политичка и раководечка ситуација донесоа нови проблеми и во 1986-тата, после 13 години загуби, државата која и тогаш беше сопственик на компанијата беше принудена да ја продаде на Fiat. Следеа контроверзни години во кои тркачките и комерцијални успеси се менуваа со многу помалку просперитетни времиња. Беше тоа период на 164 и 155, а голем напредок направија 156 и 147. 8C Competizione ја најави новата ера која ја одбележаа Mito и Giulietta, кои заедно со 4C ја внесоа компанијата во новоформираната корпорација Fiat Chrysler. Со тоа беа поставени темелите за големиот препород кој сé уште трае.
Музејот на Alfa Romeo
Целата оваа богата историја полна подеми и падови е прикажана во музејот на култниот производител во Арезе во Милано, во кој без оглед дали сте љубител на Alfa Romeo или не, на најдобар можен начин ќе се почувствува италијански автомобилски дух и емоциите кои Италијанците ги негуваат према автомобилите. Во зданијата на поранешниот индустриски комплекс се чуваат скоро триста возила, од кои само една третина се изложени. На фантастичната колекција на музејот на Alfa Romeo се внимава како на национално богатство со историска вредност – секое возило барем еднаш годишно се стартува, а кратките возења на тест патеката обезбедуваат да останат во возна состојба. Како потсетник дека Alfa Romeo не бил исклучиво производител на автомобили можат да се видат и авионски мотори и тркачки чамци.
Сепак бидејќи сé се врти околу автомобилите, големо внимание е посветено на наследството што тие го имаат оставено, било да се сериски, тркачки или концептни модели меѓу кои има и неколку брилијантни остварувања како што се репродукцијата на возилото 40-60 HP Aerodinamica во форма на солза кое има алуминиумска каросерија и дрвени тркала, фантастичниот Montreal, спектакуларните Carabo и 33 Coupe Speciale… Присутна е и колекција автомобили кои биле во служба на италијанските органи на редот и вооружените сили, но најинтересно е она што се наоѓа скриено, зад сцената. Нешто од тоа е познато на јавноста, но нешто останува мистерија. На пример прототипот на ротационен мотор, возилото со ознака New York Taxi подготвено од Italdesign за како што и името му кажува њујоршките таксисти, коцкастиот AR 148 4×4 модел и бројни други кои не стигнале до сериското производство, но и електричен шпорет кој Alfa Romeo го произведуваше после втората светска војна.