Во очекување на третиот електрифициран Seat
» На Шпанците им требаше повеќе од година дена да ја подготват плаг-ин хибридната верзија на Tarraco за производство, но не по своја вина – иако ги носи ознаките на Seat, овој голем кросовер се произведува во фабриката на Volkswagen во Волфсбург. Првите примероци од монтажните ленти ќе се симнат неделава, но купувачите ќе почекаат да дојде до нив идната година.
Хибридната погонска група комбинира 1,4 литарски TSi со 150 KS и електромотор со 115 KS, кои работејќи заедно на шестстепениот DSG менувач со двојна спојка ќе му испорачаат вкупно 245 KS и 400 Nm. Батериите од 13 kWh после петчасовното полнење на обичен штекер ќе обезбедат електрична автономија од 49 km, со брзина не поголема од 140 km/h. Максималната брзина која Tarraco e-Hybrid ја постигнува е 205 km/h, а за забрзување до 100 km/h му требаат 7,5 секунди.