Прво, па машко!
» Лансирањето на Kia EV6 не можеше подобро да помине – за само еден ден на домашниот корејски пазар се примени 21.000 резервации, и покрај тоа што почетокот на испораките е предвиден за есенва по цени кои се движат од 44.000 до 64.000 долари. За тоа се заслужни карактеристиките на овој прв електричен модел на Kia кој не е изведен од постоечки бензински. Тој при претставувањето беше проследен со суперлативи, најмногу за својата GT верзија која е достапна со два електромотора со 585 KS кои ги задвижуваат сите четири тркала. Со нив до 100 km/h забрзува за само 3,5 секунди и постигнува максимални 260 km/h. Батеријата со капацитет од 77,4 kWh која од 10 на 80 проценти се полни за само 18 минути му овозможува автономија од 405 km. Истиот пакет батерии може да се добие и со еден односно два електромотора со 228 односно 325 KS, додека основниот модел има 170 односно 232 KS кај верзијата со погон на сите тркала и батерии од 58 kWh.