Јапонците на мака заради другите
» Токио се колеба за плановите за следниот авто-шоу бидејќи голем дел од меѓународниот календар е пополнет со одложените салони заради пандемијата. Организаторите засега зазедоа „став на чекање“ за настанот за идната година за најпрво да видат што ќе се случи со другите бидејќи Ковид-19 прави хаос со нивните одржувања. Официјален став е дека нема став – тоа парафразирано е мислењето на претседателот на јапонската асоцијација на производителите на автомобили Акио Тојода, која е организатор на салонот закажан за идната есен. Тој рече дека во моментов немаат сценарио за него и дека можеби ќе треба да се размисли за поинаков негов формат или пак да одржи онлајн, на интернет. Плус на тоа сé уште е непознаница дали и догодина ова време ќе мора строго да се придржуваме на здравствените протоколи за заштита.
Според сегашната состојба во календарот на големите автомобилски манифестации за 2021-вата, IAA треба да се одржи од 7 до 12 септември во Минхен, а салонот во Детроит од 28 септември до 9 октомври. Организаторите на салонот во Токио воопшто немаат утврдено прецизен термин за негово одржување – официјално тој е закажан за крајот на октомври-почетокот на ноември. Манифестацијата во 2019 година се одржа од 24 октомври до 4 ноември и ја посетија 1,3 милиони луѓе.