Наследник на легендарниот P1800
» Стратегијата на Volvo е јасна – целосна електрификација на понудата на марката, сочинета главно од SUV модели како пазарно најатрактивни. Но некој мора да ги предводи, некој кој што ќе го носи на плеќи градењето на имиџот. Тоа отсекогаш и кај сите производители биле спортските возила, кои Volvo ги нема, и тоа одамна. Дека има потреба од таков модел Швеѓаните сфаќаат и затоа срамежливо ја најавија можноста за негово лансирање. Сепак и да се донесе таква одлука, тоа нема да биде во скора реалност. Според комерцијалниот директор на компанијата Бјорн Анвал на секоја марка автомобили ѝ треба малку зачин кој ќе помогне да се поместат границите на она што таа навистина е. Тој сепак директно не потврди дали се работи на ваков нов автомобил, бидејќи како до скоро одговорен за финансиите на компанијата знае дека ваков потег треба да има и деловна смисла, иако таа ретко кога може да се согледа однапред. Затоа, надеж постои дека ќе го видиме наследникот на легендарниот P1800.