Ако не знаете што правите, немојте да го правите тоа
» Со напредокот на технологиите треба да се менуваат и навиките – дене сé помалку е можно секој сам да си го одржува возилото. Ова посебно важи за електриката, која со напливот на електрониката станува сé помалку достапна за самосервисирање. Но и кај постарите возила без или со малку електроника некои работи не се така едноставни. Генерално заради слабото познавање на просечниот возач на проблемите што ги создава електриката и нивното решавање кое е специфично заради тоа што симптомите на дефектот понекогаш немаат логика.
Како и да е, проблемите со струјата во возилото можат да настанат во секоја прилика, но најчести се при високи оптоварувања. На пример кога паѓа дожд и се вклучени бришачите, греењето, светлата, радиото… Тогаш акумулаторот ако не е во најдобра состојба можеби нема да биде доволно ефикасен. Да нема забуна, тој што произведува струја е алтернаторот, но тој е димензиониран за некои просечни оптоварувања, така што во вакви случаи струјата се влече и од акумулаторот. А тој, како што знаеме, се полни за време на возењето кога алтернаторот произведува повеќе струја отколку што се троши. Значи, ако при голема потрошувачка на струја нешто чудно се случува со возилото, тогаш акумулаторот е слаб. Ако пак тие се случуваат при мала потрошувачка на струја или пак моторот на возилото тешко се стартува, тогаш е алтернаторот. Треба да се знае дека обично векот на траење на акумулаторот е меѓу 3 и 5 години – сé над тоа е бонус.
Доколку има проблеми со свеќичките, се разбира само кај бензинските возила, тогаш моторот ќе пали тешко и ќе работи нерамномерно. Друг чест дефект поврзан со проблемите со струјата кај возилата се осигурувачите, но тој многу лесно се открива. Доколку некој осигурувач е прегорен, некој уред на возилото нема воопшто да работи. Но не е доволно само да се замени соодветниот осигурувач – треба да се открие и зошто дошло до негово прегорување, што пак не е воопшто едноставно. Ако не се провери зошто осигурувачот прегорел, голема е веројатноста тој после замената повторно да прегори. Сите нови и поголем дел од старите возила какви што ги има на нашите улици имаат приклучок за уред за дијагностика, кој ќе каже каде е проблемот. Затоа и во случај на проблеми со струјата, наједноставно е да се отиде на сервисер кој веднаш ќе го лоцира дефектот.