Некој требаше да го плати данокот на перестројката
» Додека моделот ГАЗ-3102 од 1982-рата беше изведен како луксузна верзија на ГАЗ-24 наменета исклучиво за понискиот ранг политичари на кои не им беше дозволено да ја користат луксузната Чајка, вистински наследник на популарната лимузина требаше да биде ГАЗ-3105 кој се појави скоро деценија подоцна. Тој беше првиот (и практично единствениот) модел на компанијата со погон на предните тркала и од него се очекуваше многу. Имаше модерен изглед и нов мотор, но доста доцнеше а алатите на кои се произведуваше беа стари. Плус и цената беше висока, а економската криза длабоко удираше по руското стопанство. Сето тоа му пресуди и за пет години беа направени едвај само 55 примероци.
Раководството на компанијата уште на почетокот знаеше каква ќе му биде судбината и истовремено продолжи да ја осовременува старата Волга, давајќи ѝ нова шанса и нова ознака ГАЗ-31029. Стартот беше солиден најмногу заради репутацијата на моделот од кој настана, но квалитетот очаен. Сепак остана во производство шест години за кои беа направени сериозни 115.000 примероци. Без финансии за развој на нов модел од него беше изведен ГАЗ-3110. Иако дизајнерски сличен, кај него многу работи беа нови. Механиката беше унапредена, а се нудеше и со нови мотори меѓу кои и 2,1 литарски дизел со 110 KS од сопствено производство. Доби и модерни технологии, но судбината сепак му беше однапред одредена – минималниот број продадени примероци повторно ги натера раководителите на ГАЗ, сега веќе во приватна сопственост, да размислуваат за нешто поинакво.
Така, практично како наследник на промашениот 3105 беше лансиран ГАЗ-3111, кој имаше провокативен изглед и богата опрема. Беше проектиран за широка палета мотори, но и овој модел ја имаше истата судбина како и другите – остана во производство премногу кратко и беа направени малку повеќе од четиристотини примероци. Затоа пак му го подари дизајнот на ГАЗ-31105 кој ја продолжи лозата на ГАЗ-24. Можеби и затоа, и покрај богатата стандардна опрема и прифатливиот квалитет, повторно го снајде истата судбина како и другите. За да се подобри продажбата во него започна да се вградува 2,4 литарски мотор од Chrysler со 137 KS, а беше додадена и верзија со дури за 300 mm продолжено меѓуоскино растојание. Сепак беше јасно дека ГАЗ ќе го напушти производството на автомобили и ќе се концентрира на комерцијалните возила од кои добро заработуваше.
Последниот обид да се задржи името Волга се случи во 2008-мата кога од Chrysler беа набавени машините за лиценцно производство на Sebring. Од Моделот со ознаката Volga Siber многу се очекуваше. Дизајнерски разликите од американскиот оригинал беа мали што и не беше лошо, а механиката беше прилагодена на руските услови на користење. Се нудеше со 2,0 и 2,4 литарски мотори и автоматски менувач. Се очекуваше годишна продажба од 45 илјади возила а се кроеја планови за проширување на капацитетите на дури 100 илјади. Но откако за неполни три години вкупно беа продадени помалку од 9 илјади, ГАЗ крена раце и од него. Со тоа, после повеќе од половина век, марката Волга замина во историјата а компанијата склучи договор за соработка со Volkswagen кој во нејзините погони започна со монтажа на Škoda Octavia.