Користат, но колку?
» Постојат повеќе причини за и против монтирањето нископрофилни пневматици, но најважното за повеќемина е што ја подобруваат естетиката на возилото. Заради тоа често знае и да се претера со нивната големина, па тие да бидат повеќе штетни отколку корисни. Секако дека пошироките пневматици донесуваат подобри возни својства и поголема стабилност бидејќи контактните површини со коловозот и донекаде трагите на тркала се поголеми, а се намалува и тежиштето на автомобилот. Со тоа се подобрува лежењето на автомобилот и намалуваат оптоварувањата на пневматиците при спортско возење. Меѓутоа, со зголемувањето на допирните површини се намалува притисокот на пневматиците врз подлогата, што е штетно на лизгав коловоз. Пошироките пневматици полошо држат на дожд и значително се подложни на аквапланинг. Тие исто повеќе ги оптоваруваат ослонувањето, лежиштата на тркалата и управувачкиот механизам, а се зголемуваат и отпорите на движење што резултира со поголема потрошувачка на гориво. За крај, заради покрутите ѕидови, значително се намалува и удобноста на патниците.