Слушаме често за халдекс спојката, но како работи таа?
» Заради намалување на отпорите и потрошувачката и подобрување на перформансите, кај скоро сите современи теренци во нормални услови на возење целата сила се пренесува на само еден пар тркала, по правило на предните, а дури откако тие ќе пролизгаат се прераспределува и на задните. За тоа кај добар дел од возилата во функција на централен диференцијал се користи електронски контролирана вискозна спојка. Кога електрониката на основа на информациите од сензорите ќе заклучи дека предните тркала започнуваат да пролизгуваат односно да се вртат побрзо од задните, со намалување на зјајот меѓу ламелите на спојката се зголемува триењето и вртежниот момент од моторот започнува да се пренасочува и кон задните тркала, со што брзината на вртење на предните и задните тркала се ускладува.
За разлика од таквата изведба, конструктивно посложениот и поскап халдекс 4×4 погон има склоп од механички задвижувана хидраулична пумпа и вискозна спојка, по правило сместен пред задниот диференцијал. Оваа спојка во 1998 година ја има развиено шведска компанија Haldex, од каде е и нејзиното име. Премиерно вградена во Audi TT и Volkswagen Golf, нејзина основна предност е што е поефикасна и со подобри употребни својства од обичната вискозна спојка. Кога нема пролизгување односно разлика во брзината на вртење меѓу тркалата на предната и задната оска, хидрауличната пумпа не работи и нема проток на флуидот кој ги притиска ламелите на вискозната спојка и сета сила се испраќа на предните тркала. Но кога тие ќе пролизгаат односно ќе започнат да се вртат побрзо од задните, разликата на нивните брзини започнува да ја движи хидрауличната пумпа чиј притисок ги доближува ламелите во вискозната спојка воспоставувајќи проток на вртежниот момент према задните тракала. За поголема ефикасност и флексибилност во користењето додадена е и управувачка електроника која ги подобрува својствата и овозможува 4×4 погонот постојано да биде вклучен.