Заради лошо одржување и форсирање!
» Некогаш порано, оловото во бензинот имаше улога и на заштитно средство бидејќи при согорувањето се таложеше на вентилите и нивните гнезда оневозможувајќи ги со тоа микрозаварувањето и деградацијата на гнездото на вентилите. Со исфрлувањето на ваквото гориво тоа го преземаа други адитиви и контролната електроника која ја спречува опасната работа со сиромашна смеса. Но во течниот нафтен гас нема адитиви кои би ја вршеле таа функција. При согорување авто-плинот повеќе ги загрева вентилите од бензинот со што се зголемува нивното издолжување и тие не затвораат целосно овозможувајќи струење на вжарените издувни гасови што доведува до топлотна ерозија на гнездата и пукање на стеблата на вентилите. Имено, микрозаварувањето е појава при која заради високите температури се откинуваат парчиња од површината на металот што како последица има вентилите да пропаѓаат во гнездата. Зјајот меѓу подигнувачите на вентилите и брегастата оска се намалува за во крајна ситуација целосно да го снема со што профилот на брегот ќе се наслони на подигнувачот. Тогаш вентилите не можат целосно да затворат и почнуваат да прегоруваат, а истовремено и компресијата и силината паѓаат.
Обидите со дополнително додавање посебен адитив главно се со ограничено дејство заради тоа што при испарувањето на авто-плинот не доаѓа до потребното рамномерно таложење на заштитниот адитив на гнездата на вентилите. Ваквата заштита е успешна само при мали оптоварувања кога потрошувачката на авто-плин е ниска, а не и поголеми оптоварувања бидејќи потпритисокот што го регулира додавањето на адитив е мал и системот не ја дозира потребната количина. Проблемот се решава со вградување поквалитетна плинска инсталација. Исто така потребно е и често контролирање на зјајот, посебно кај поновите мотори со подесување на фазата на работа на вентилите и блок од алуминиум. Важно е и редовното сервисирање на плинската инсталација со подесување на параметрите за работа и замена на филтерот.
Неподесениот зјај се препознава по вибрациите и тресењето на ладниот мотор и осцилациите во брзината на вртење при работа во место. Помалку опасно е кога се слуша метално тропање бидејќи тоа значи поголем зјај при кој вентилите нешто помалку се отвораат но добро затвораат.