Tags:
Електрично потпомогнат турбо компресор (видео)

Ефикасно хибридно решение

Турбо компресорот кај моторите со внатрешно согорување се задвижува од издувните гасови кои при ниски вртежи ги нема во доволна количина и со доволна брзина за да овозможат создавање на натпритисок, заради што моторот практично функционира како да нема компресор. Но кога со зголемувањето на бројот на вртежи протокот на издувните гасови ќе нарасне, тогаш доаѓа до нагло ослободување на сила од моторот, што се нарекува турбо дупка. За да се елиминира таа инженерите имаат развиено турбо компресори кои место турбина задвижувана од издувните гасови имаат електромотор. Но бидејќи и ова не е идеално, е дојдено на идеја да се спојат двете решенија со што е настанат електрично потпомогнатиот турбо компресор.

Тој користи електромотор вграден на оската на турбо компресорот кој при ниски  вртежи кога нема доволен проток на издувните гасови го задвижува компресорот, овозможувајќи му да му испорача на моторот доволен натпритисок на воздухот. Кога бројот на вртежи на моторот ќе се зголеми електромоторот се исклучува и турбо компресорот се врти единствено со помош на издувните гасови. Со тоа се подобрува одговорот на моторот и елиминира споменатата турбо дупка, што доведува до зголемени ефикасност и перформанси на моторот. Тоа пак значи дека во него може да се вградува поголем турбо компресор со поголем капацитет кој по правило е и потром, обезбедувајќи уверливо преднабивање на воздухот во целокупниот работен режим. Со други  зборови кажано, за возилото може да се користи мотор со помала работна зафатнина и дополнително да се намалат потрошувачката на гориво и емисиите, според испитувањата меѓу 5 и 10 отсто.

Развојните инженери нé уверуваат дека ако на мотор со класичен турбо  компресор при 1.500 вртежи му требаат секунда или две да реагира, со вграден електрично потпомогнат турбо компресор за негов одговор се чека само половина секунда. Подобрена и работната карактеристика бидејќи се постигнува скоро линеарен пораст на притисокот на натполнење и се задржуваат оптималните работни параметри на моторот во скоро целокупното работно подрачје. При тестирањата на овие системи е откриена уште една нивна предност – компресорот задвижуван со електромотор може да ги наполни цилиндрите на дизел моторите со воздух неколку секунди  пред стартувањето, што создава можност за развој на технологија со кој тие би работеле без грејачи, со што пак ќе се олесни конструкцијата на коморите за согорување и дополнително подобрат ефикасноста и економичноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *