Електричната мобилност луксуз или потреба

Глобален тренд со далекусежни придобивки

» Зошто на електричните возила им се придава толкаво значение? Сигурно не само заради климатските промени и глобалното затоплување бидејќи пред човештвото се испречени и други непосредни опасности. Кој колку сака да го криви транспортниот сектор за поплавите, пожарите и другите временски непогоди како директна последица од него, ќе испадне смешен. Секако дека е еден од влијателните фактори, но во споредба со другите, неговата порција штетни гасови кои ги генерира е мала, барем глобално.

Но во урбаните средини каде концентрацијата на возила е голема, сликата е друга. Таму од нивните издувни гасови воздухот има мирис и боја, се гледа и чувствува. Затоа и се мисли дека ако возилата се електрични а струјата се произведува некаде подалеку од местото каде живееме, на пример во РЕК Битола, е тогаш ќе бидеме гласноговорници за масовна електрификација. Тоа што тие имаат неприфатлива автономија не е пречка – ќе си ги зачуваме и бензинските или дизел миленици на четири тркала за кога ќе ни притребаат за подолг пат, па нека загадуваат таму каде ќе отидеме.

Малку поинаку ќе беше полначи да има толку често барем колку што има бензински станици. Тогаш 300 до 500 километри автономија со едно полнење кое ќе трае до половина час е сосема во ред. Но не е така. Кај нас сé уште не во толкава мерка, но на запад теоретски полначи има скоро насекаде, ама дали и таму каде ќе ви притребаат и дали тогаш ќе бидат слободни, тоа не се знае. Постојат веб-страници и апликации кои ќе ви кажат каде ги има, но не и дали се зафатени или пак воопшто исправни, во функција. Проблем е и самото нивното користење – не е доволно едноставно да го поврзете автомобилот за тој да започне да се полни, секогаш треба уште нешто. Полнењето навечер на евтина струја е најдобро решение, но реално тоа може да го правите само на сопствен полнач – шансите дека на јавно паркиралиште блиску до дома ќе имате на располагање еден таков се еднакви како комшивката да изгледа како Моника Белучи а вие сте ерген.

Но затоа пак струјата за полнење на батериите на вашиот автомобил ќе ве чини помалку од бурек и јогурт – според моменталните македонски цени за ноќната евтина тарифа, околу 80 денари. Или, поинаку кажано, исто како да возите автомобил кој троши еден литар бензин на сто километри. Покрај трошоците за струјата, електричните автомобили ќе ви овозможат и поголеми заштеди во одржувањето. Сервисирањето на електричните возила е и поретко и поевтино – кај нив не се менуваат масло, филтери и каиши, а и сопирачките не се трошат како кај нормалните возила бидејќи електромоторите ја регенерираат енергијата. Но затоа ако батериите откажат, слободно можете да го однесете автомобилот на отпад – цената за нивната замена ќе ве фрли во очај. За колку-толку да го намалат негативното влијание на овој факт, производителите на возила даваат солидни гаранциски периоди за батерискиот систем на електричните возила, најчесто осум години. Но дали познавате некој што го има заменето моторот на својот помалку од осум години стар бензински или дизел автомобил?!

Од аспект на практичноста како непремостлив проблем се јавува ситуацијата кога среде пат, од било која причина, ќе останете без струја. Што тогаш, избор не постои. Да возевте автомобил со мотор со внатрешно согорување ќе донесевте гориво со канта и ќе продолжевте до првата бензинска станица, но тука тоа не е возможно. Единствено можно решение е возилото да се товари на шлеп служба. Пораките дека тоа ќе остане без струја и скриената резерва која електричните возила ја имаат да продолжат да возат и откако батериите ќе паднат на нула проценти нема многу да помогне, бидејќи токму тогаш попат ќе немате место каде да ги дополните.

Друг сериозен факт кој ќе ве одврати од купувањето електричен автомобил е неговата цена. Со години наназад сите производители ветуваат поевтини електрични возила, но сé што досега направија е што ги поскапеа бензинските, а прифатливите електрични ги опремија со мотори со кои едвај постигнуваат автопатски брзини и со батерии доволни само да ги однесете децата до училиште. Очигледно е дека сумата што ја наплатуваат од функционалните но скапи електрични возила им е доволна за да декларативно балансираат меѓу сопствените интереси и општествените придобивки.

Во поглед на тоа се наметнува прашањето – дали сега да се купи електрично возило дури и ако се вклопува во вашите потреби или да се чека? Нормално, сите прогнози покажуваат дека цената на електричните возила ќе паѓа. Но истовремено не треба никој да прогнозира за да знаете дека вие нема да платите помалку за нив бидејќи субвенциите кои некаде и некогаш знаеја да бидат широкогради, ќе секнат. Заедно со нив и останатите бенефиции – бесплатен паркинг, поевтина регистрација или пак возење по брза лента таму каде го има тоа. Со други зборови, повластиците што досега ги имаа електричните возила ќе исчезнат и тие ќе се третираат како и секој друг автомобил. Дури и повеќе, бидејќи заради акцизите што се вѕидани во цената на горивата а не и во цената на струјата, за електричните возила веќе уште сега во некои земји се плаќаат повисоки режиски трошоци за нивно поседување.

Оптимистите меѓу нас решението за ова го гледаат во промената на навиката да ги поседуваме возилата. Во тоа има логика, но кој од нас е подготвен за ваков драстичен чекор? Автомобилот сé уште го сфаќаме како симбол на нашата слобода и статус. Тој не е стан за кој купувачот можеби, а на запад и веројатно ќе се реши да го изнајми место да го купи. Изнајмувањето автомобил има смисла само според принципот за делење, односно заедничко краткотрајно користење на возилата, кој која му треба. Но за такво нешто во сегашните констелации на поставките на општеството едноставно е премногу идеалистички да зборуваме и покрај фактот дека секој од нас дневно во својот автомобил поминува помалку време отколку во купатило.

Како заклучок, логично е да се каже дека во моментот ништо нема логика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *