Ford бара трпение
» Брзото пони лани отиде под напон, кој не беше доволно висок да може да го премине Атлантикот бидејќи место како што беше планирано до крајот на годинава, Ford го одложи неговото доаѓање во повеќе европски земји за идната. Официјално молчејќи, компанијата од Детроит за ова преку и-мејл ги има известено потенцијалните купувачи кои извршиле нарачка за Mustang Mach-E во Велика Британија, Франција, Холандија… Но колку и да е непријатна ситуацијата во која се имаат најдено, ретко кој од нив се одлучува да си го побара депозитот назад.
Причината за тоа се карактеристиките на електричниот кросовер, но и името што го носи. Ford го има направено првиот Mustang пред 56 години. Во овој период тој успеа да се воздигне во култен автомобил кој ги сублимира американските вредности: слободата, напредокот, перформансите и, секако, приличната доза на бунтовност. Иако далеку од најдобро продаваното спортско купе во светот бидејќи е возило со SUV пропорции, а згора на тоа се задвижува со помош на струја, Mustang Mach-E го има задржано сето тоа. Или скоро сето.
Со него Ford длабоко навлегува на територијата на која неприкосновено владее еден друг американец, Tesla Model X. Одговорот на прашањето дали е ова американска граѓанска војна, или пак межеби се работи за добро смислена стратегија со која Американците имаат намера комплетно да го завладеат светот со својата електрификација, па притоа ги користат сите капацитети, воопшто нема да биде едноставен. Но познавајќи го пристапот, склони сме да веруваме дека се работи за второто – со повикувањето на Ford на славното минато и неоспорните вредности на Mustang, притоа промовирајќи целосно нова класа и тоа со употреба на врвна технологија, работите стануваат прилично јасни.
Техничкиот аспект на Ford Mustang Mach-E ни открива дека проектната цел на инженерите била постигнување на автономија од дури 610 km. Ова се однесува на варијантата која користи има батерии со зголемен капацитет и погон само на задната оска. Освен неа, постојат уште комбинации со погон на двете оски како и верзии со стандардна батерија. За спортските постигнувања треба да се погрижат двата електромотори со перманенти магнети, чија вкупна силина кај GT изведбата изнесува 465 KS.
Цените на Ford Mustang Mach-E во Германија стартуваат од 46.900 евра.