Од Кина за цел свет
» Беше прашање на време кој ќе биде најхрабар да повлече нога и да стане првиот голем авто-производител кој ќе ги лансира своите кинески марки низ цел свет. Иако уште не е потврдено, од Кина стигнуваат вести дека General Motors се подготвува годинава да започне со дистрибуција на моделите на Wuling во Европа. Доколку има вистина во нив стартот најверојатно ќе биде со моноволуменецот Victory, кој уште при неговото конструирање е предвиден за глобален настап.
Овој модел чија продажба на домашниот пазар започна при крајот на 2020 година е наменет за шестмина патници има современ дизајн добиен со мешање на кросовер и моноволуменските линии. Долг е 4,9 метри и има меѓуоскино растојание од 2,8 метри кое овозможува да понуди пространа внатрешност. За погон е предвиден 1,5 литарски турбо мотор со 150 KS. Цената таму му изнесува меѓу 12 и 16 илјади евра, а на колку ќе се искачи ако стигне до Европа никој не сака да прогнозира. Не е познато ниту дали тој ќе биде само пробен балон или пак предводник на новите глобални амбиции на GM, кој, наводно, има планови за уште неколку модели.