Далеку пред своето време
» Последниве деценија-две сведоци сме на силна трка за унапредување на ефикасноста на возилата, која стана доминантен фактор на пазарот. Но додека некои производители својата „зелена страна“ ја открија дури сега, повеќе заради имиџот отколку за вистинска желба за промени, Volvo уште пред 40-тина години размислуваше за намалување на потрошувачката. Нивното видување каков треба да биде еден ефикасен автомобил Швеѓаните го демонстрираа со концептот LCP2000, за кој слободно можеме да кажеме дека беше далеку пред своето време.
Ознаката му е кованица од кратенката Light Component Prototype и годината 2000-та за која е замислен дека би бил реалност, иако постоеја планови уште тогаш да се произведува во серии од десетина илјади возила годишно. Работата на проектот започна во 1979 година кога на инженерите на шведската компанија им беа поставени исклучително тешки цели – да има тежина не поголема од 700 килограми и потрошувачка помала од 4 литри на 100 километри. А со ангажман на бројни надворешни компании како соработници, иновативно техничко размислување и обилно користење на лесни материјали – магнезиум, алуминиум, различни видови пластика па дури и јагленородни влакна што тогаш беше сензација, тие беа и надминати.
До 1983 година беа направени четири примероци, со одредени технички разлики и различни погонски опции. За нив беа користени два различни трицилиндрични дизел мотори. Еден беше британскиот 1,3 литарски Ricardo со 50 коњски сили, кој направен од магнезиум тежеше само 98 килограми и трошеше само 3 литри на 100 километри. Вториот пак креиран од германската компанија Elsbett со 1,4 литри, директно вбризгување на горивото и 90 коњски сили тежеше 130 килограми, се ладеше со маслото за подмачкување и можеше да работи со различни горива, меѓу кои и нискооктански бензин и биодизел. Силата се пренесуваше на предните тркала преку петстепен мануелен менувач или електронски контролиран CVT пренос од DAF. И каросеријата со коефициент на отпорот на воздухот од 0,25 му беше авангардно развиена – налик на караван со задна врата која заедно со дел од покривот се отвораше високо затоа што преку неа требаа да влегуваат патниците на задните седишта кои беа свртени наназад.
Јасно, иако овие концепти предизвикаа голем внимание од стручната јавност, пазарот воопшто не беше подготвен за нив. Некои искуства сепак беа искористени во идните возила на марката а дизајнот послужи како инспирација за моделот 480.