Камион од 21-от век за собирање ѓубре
» Пред повеќе години Volvo Trucks и една шведската комунална компанија започнаа со спроведување тестови на автономен камион за собирање ѓубре како дел од истражувањето колку ваквите возила можат да придонесат за побезбедно и поефикасно ракување со отпадот и да создадат подобри работни услови за комуналните работници. Но, за жал, оттогаш ништо не слушнавме за него. Штета за предвреме потрошената идеја.
Автоматизираните системи што се тестираат се истоветни на оние вградени во автономните камиони на Volvo кои беа користени во рудникот Кристинеберг во северниот дел од Шведска. Но за разлика од рудникот каде движењето на луѓе е ограничено и контролирано, на улиците не е така. Затоа и тука сигурноста е ставена на прво место. „Природно е управувањето со тешки камиони во градските станбени подрачја, тесни улици и ранливи учесници во сообраќајот да поставува високи барања во поглед на безбедноста, дури и кога брзините на движење на камионите не ги надминуваат нормалните брзини на движење на пешаците. Камионот за собирање ѓубре што во моментов го тестираме постојано го следи опкружувањето и веднаш запира ако наиде, или пак пред или зад него изненадно се појави некоја препрека. Автоматизираниот систем истовремено создава подобри предуслови за возачот кој вообичаено мора будно да внимава на сé што се случува околу камионот“, изјави тогаш Карл Јохан Алмквист, директорот на одделението за безбедност во сообраќајот и производите во Volvo Trucks.
Основа на сето е можноста за „учење“ што ја поседува камионот. Имено, целата процедура е замислена така да кога автоматизираниот камион за собирање ѓубре прв пат се користи во некое ново подрачје, возачот го вози на стариот начин а вградениот систем континуирано ја следи и мапира рутата со помош на сензори, радари и ГПС навигација. Кога камионот следниот пат ќе се најде во истото тоа подрачје, тогаш тој точно ја знае рутата што мора да ја следи и кај која канта треба да застане. Не знаеме дали во Шведска и сега возачот го собира ѓубрето или како кај нас само вози, но со овој автономен камион ќе мора да ги прави и двете работи – откако ќе го активира системот и ќе стигне до почетокот на некоја улица од каде ѓубрето треба да се собере, тој се симнува од камионот кој понатаму продолжува сам да се движи. И тоа наназад, застанувајќи кај секоја канта за да може возачот на вообичаениот начин да ја испразни во неговата утроба. Откако кантата ќе биде испразнета и возачот ќе му даде наредба за тоа, камионот послушно, заобиколувајќи ги препреките и автоматски запирајќи во случај на опасност оди до наредната канта и така сé до крај. Возачот пешки го поминува истиот пат како и камионот, имајќи секогаш целосен преглед на она што се случува во насоката на неговото движење.
Возењето наназад е потребно од две причини – првата е што често во предградијата уличките се слепи и не секогаш камионот може да излезе од другиот крај или пак да сврти за да се врати назад. Втората е што на овој начин неговите маневарски способности се поголеми. Но возењето наназад вообичаено е доста ризичен маневар, бидејќи возачот кога е зад воланот тешко или никако не може да види што сé има зад камионот – луѓе, велосипедисти, деца, паркирани возила, ивичници или други предмети. Вградената камера го подобрува тоа, но ризиците сепак остануваат. Затоа и некаде во некои културни земји, во одредени урбани подрачја, од безбедносни причини возењето на тешки камиони наназад не е дозволено или пак задолжително зад камионот мора да се наоѓа човек кој ќе провери дали просторот е чист и ќе се увери дека возењето наназад е безбедно изводливо во тој момент. Целта на решението што се тестира е токму елиминирањето на ваквите проблеми. Бидејќи сензорите го следат целото подрачје околу камионот, возењето е еднакво безбедно без оглед на насоката на движење.
Друга придобивка што ќе ја донесе автономниот камион за собирање ѓубре е намалувањето на целокупните трошоци за работа и загадувањето на околината бидејќи сé на возилото ќе биде оптимизирано – промените на степените на пренос, управувањето, брзината, рутата на движење… Техничка рамка за воведување на вакви автономни камиони за собирање ѓубре веќе постои, но потребни се уште многу тестирања и развој пред тие да се појават на улиците. Овој заеднички проект на Volvo Trucks и комуналните претпријатија требаше да трае нецела година, по што ќе следеа детални проценки на функционалноста, безбедноста и прифатливоста на ваков камион – од страна на возачот, работниците, другите учесници во сообраќајот и локалното население. Но, на нив уште се чека…
Како и да е, доста веројатно е дека возила со различен степен на автономија ќе се воведат за некои конкретни примени, посебно за транспортните работи што се одвиваат на затворени подрачја.