Tags: , ,
Volvo 164 (1968-1975) – фото галерија

Луксуз на шведски начин

» Во втората половина од 20-век Volvo беше познат по коцкастиот дизајн и неразбирливите ознаки на моделите составени исклучиво од бројки. Но ознаката 164 сите ја разбираа – неа ја носеше првиот луксузен модел на марката и првиот автомобил со шестцилиндричен мотор после втората светска војна. Заедно со серијата 140 тој е зачетник на ерата здодевни возила со акцент на безбедноста и елеганција која само Швеѓаните можеа да ја сфатат. Но сепак и покрај тоа, станува збор за еден од најпосебните нивни автомобили.

Настана после пресвртницата на која се најде Volvo во шеесеттите години. Продажбата одеше сé послабо, а конкуренцијата тргна по некои други патеки за да ги освои срцата на купувачите. Нешто мораше да се направи, инаку марката ќе останеше без извозните пазари. Размислувајќи за некои нови хоризонти, одговорните во Volvo дојдоа на идеја покрај безбедноста да ја профилираат гамата и преку луксузот. Со ова всушност тие се вратија на старите позиции материјализирани преку проектот P358 од 1958 година кој претставуваше концепт на V8 автомобил наследник на застарената серија PV800.  Користејќи добар дел од развиеното за него, компанијата се изложи на голем ризик кога како резултат на таа десет години стара работа го направи 164.

Тој на мета ги имаше доста поскапите и познати луксузни модели со кои се фалеа марките како Jaguar или Mercedes. Кога прв пат при крајот на 1968 година го видоа Volvo 164, конкурентите му се смееја, но престанаа кога сфатија дека има солиден шестцилиндричен мотор, удобност на голема лимузина и безбедност за каква тие не знаеја – она што го знаеја е дека со квалитетот ги надминува, а дознаа и за прикриеното кокетирање со перформансите обезбедени од трилитарскиот агрегат. Тој на почетокот се опремуваше со два карбуратора со кои испорачуваше 145 коњи, а подоцна доби и Bosch систем за електронско вбризгување и 160 коњски сили. Тие и покрај големата тежина му овозможуваа сосема солидни перформанси проследени со суперлативи – забрзување до сто за 8,7 секунди и максимални 194 km/h, што во тоа време беше и повеќе од задоволувачки за една ваква лимузина со луксузен карактер.

Сепак, со оглед дека конкурентите веќе одамна се имаа етаблирано во тој свет, Volvo 164 и покрај сите позитивни страни не успеа да се наметне како релевантен автомобил пред купувачите, кои до 1975 година ги собра точно 153.179 низ цел свет.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *