После електричните возила, на ред се фабриките за батериите за нив
» Volkswagen веќе добро загази во електрификацијата на својата гама, но за сликата да биде комплетна потребни се и фабрики за производство на батериите за возилата. На германските менаџери тоа им е сосема јасно и затоа одвоија 20 милијарди евра кои ќе ги потрошат на изградба на шест гигафабрики во Европа. Темелите на првата веќе се поставени во местото Залцгитер југоисточно од Хановер, каде во текот на наредните две години ќе никне погон кој ќе вработува пет илјади луѓе и ќе може да произведува батерии со вкупен капацитет од 40 GWh годишно, што отприлика е доволно за половина милион електрични автомобили. Кога сите шест фабрики од батериската офанзива ќе бидат готови, тие обединети под новата компанија PowerCo ќе ангажираат околу 20 илјади работници и треба да бидат водечки европски производител на батерии за електричните возила и сродните технологии, што се очекува да се случи околу 2030-та година.
Планот е не само да се снабдува Volkswagen групата туку и други заинтересирани компании од автомобилскиот но и други сектори кои ќе имаат потреба за батериски системи за складирање енергија, пред сé во транспортот и домовите. Позната е и локацијата на втората фабрика – таа ќе биде во околината на Валенсија во Шпанија, а покрај Европа се разгледуваат можностите и за изградба на слични погони во други региони во светот, пред сé во Америка. Битно е и тоа што секоја од овие фабрики ќе троши 100% енергија од обновливи извори и ќе има потполно затворен производствен циклус. Вкупниот капацитет за производство на батерии на сите фабрики треба да изнесува 240 GWh, а планирано е до крајот на деценијата трошоците за производство да се намалат за дури 50%.