Tags: , ,
Volkswagen Phaeton (2001-2016) – фото галерија

Синот на богот на сонцето што ги промени нештата во Volkswagen

» Сé започна кога Фердинанд Пих посака Volkswagen да има лимузина со која ќе им се спротивстави на Mercedes S-класа и BMW серија 7. Audi го имаше A8, но тој беше повеќе свртен кон перформансите, а големиот директор сакаше моделот на VW да биде ориентиран кон комфорот. Плус на тоа, според неофицијални извори, германскиот производител тогаш имаше проблеми со квалитетот на своите возила и Пих на овој начин, прескокнувајќи една цела класа над Passat, сакаше да створи еден вид школа за работниците кои ќе работат на производството на Phaeton во сосема новата „стаклена фабрика” во Дрезден како што беше наречена, после да се преселат во другите погони каде ќе го шират своето искуство од таму. На инженерите им постави десет услови, некои скоро и невозможни, како да пример возилото да може да вози цел ден со брзина од 300 km/h при надворешна температура од 50 °C, задржувајќи ја внатрешноста на 22 °C.

Бидејќи сé што тој ќе посакаше мораше да се оствари, во 1999 година на салонот на автомобилите во Франкфурт беше преставена студија концептуално малку поинаква но со доста близок дизајн до серискиот модел чие производство започна 2001 година. Луксузната лимузина фасцинираше со својот самоуверен, мирен и прибран карактер, извонредната удобност, високотехнолошките карактеристики и импресивниот квалитет на изработка. Никој не веруваше дека Volkswagen може да направи таков исчекор во сегментот на луксузните автомобили, дури ни купувачите кои за жал не застанаа во ред за него како што се очекуваше. Сепак Phaeton делуваше како сјајна ѕвезда која донесе корист на марката и го трасираше патот на други врвни производи како Touareg и Arteon.

Долг 5,06 и широк 1,9 метри, беше и остана најголемиот модел на Volkswagen направен било кога. Ја користеше истата платформа како и Bentley Continental GT и Flying Spur, која се разликуваше од онаа на А8 бидејќи претежно беше челична а не алуминиумска. Неговиот течен дизајн со благо заоблени линии му подари безвременски и ненападен изглед. Смирените контури на каросеријата ја прилагодија и внатрешноста која дишеше со стилска елеганција. Материјалите беа најквалитетни – доминираа хромот, дрвениот фурнир кој се состоеше од дури 30 слоеви материјал и кожата. Патниците во возилото беа изолирани од надворешниот свет со вратите со дебели стакла кои се затвораа со префинет звук, а висококвалитетниот аудио систем ги задоволуваше и најпребирливите Hi-Fi ентузијасти. Само најдоброто беше доволно добро за новиот модел, а истото важеше и за производствениот погон каде Phaeton се составуваше скоро во потполност рачно. Работниците беа облечени во бело, а подовите на халите обложени со светол планински јавор од Канада и темен германски даб.

Понудата на мотори го заокружуваше ексклузивниот карактер на лимузината. Основен беше компактниот 3,2 литарски VR6 со 241 KS, a топ моделот носеше шестлитарски W12 со 420 KS. Малку подоцна меѓу нив се смести и 4,2 литарски V8 со 335 коњи. На петлитарскиот V10 дизел пак кој развиваше 313 KS му се придружи и трилитарски V6 TDi со 225 коњски сили. Освен кај најмалиот бензинец, кај другите мотори погонската сила се пренесуваше на сите четири тркала преку пет или шестстепен автоматски менувач.

Низ долгите години производство Phaeton постојано беше ажуриран, но тоа воопшто не помогна бројките за продажбата да се доближат до планираните 20.000 годишно – до 2016-та кога беше испратен во пензија беа продадени едвај 84.235 примероци, најмногу, скоро 40 отсто, секако во Германија. Во САД се продаваше само две години за кои најде околу 3.500 купувачи, а во Канада едвај нешто малку над сто. Добро беше примен во Кина и Јужна Кореја, но тоа не беше доволно заради што раководството на Volkswagen одлучи да не ја претставува веќе готовата негова втора генерација која остана скриена од очите на јавноста до 2022 година. Неофицијално се проценува дека секој продаден примерок на Phaeton на компанијата ѝ носеше загуба од 28.000 евра во просек.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *