Како VW раскрсти со минатото
» Не е Golf туку Passat – токму овој модел кој веќе е подготвен за пензионирање ја претставуваше преломната точка во историјата на Volkswagen кога марката раскрсти со своето минато од техничка гледна точка. Имено, откако годините што ги имаше насобрано Буба започнаа да ѝ тежат на плеќите, компанијата интензивно бараше решение за иднината. Сметајќи тоа да биде долгорочно, бројните обиди ја доведоа до ситуација тешко да избере што е најдобро. Еден од нив кој директно не беше поврзан со легендарната Буба туку со поголемите модели кои ја имаа истата концепција – воздушно ладен мотор поставен назад, беше нивниот наследник.
Имено, во шеесеттите години VW ги нудеше моделите Typ 3 и Typ 4 комерцијално лансирани како 1500/1600 и 411/412, кои заради споменатата конструкција времето предвреме ги имаше прегазено. Кога Volkswagen во 1969 година го купи NSU, раководството на компанијата во моделот K70 развиен од фирмата од Некарсулм виде можност да сврти во друга насока, драстично различна од сегашната. Затоа едноставно ги стави VW ознаките на него и го лансираше на пазарот како свој. Но тој поголем отколку што требаше и драстично различен од сé друго, немаше доволен капацитет да го ресетира сфаќањето што јавноста го имаше и за Volkswagen како марка, и за нејзините модели. Сепак, реакциите кои тој ги предизвика покажаа дека ваквото размислување е на вистински колосек и може да резултира со постигнување на посакуваната цел – раскрстување со сé дотогаш и преземање друга улога за иднината.
Затоа и истата но малку корегирана формула беше применета во 1973 година, кога Volkswagen ја презеде техничката основа на Audi 80 и го лансираше Passat. Механички идентични, за дизајнот беше задолжен Џуџаро, кој го креираше како седан со две и четири врати и фастбек со три и пет врати, а наредната година понудата беше дополнета и со караванската изведба. Не требаше да помине многу време првата генерација на оваа лимузина од средната класа технички означена како Passat B1 да изгради култен статус на европските, но и светските пазари. Имаше надолжно поставен мотор и погон на предните тркала, а при крајот на животниот век беше додаден и дизелот од Golf. Во САД лансиран под ознаката VW Dasher а караванот на некои пазари и како Audi Fox, овој модел после 1981-вата кога беше прекинато неговото производство во Европа продолжи да се нуди во Бразил (редизајниран со преден дел од Audi 80), каде опстана уште седум години. Вкупно се произведени околу 2,5 милиони примероци.