Електрично изненадување
» Volkswagen реши да го зачини своето електрично семејството и го подготви концептот ID.Xtreme. Тој има за задача да ги покаже потенцијалите на електричниот погон како во поглед на перформансите така и во разновидноста на неговата примена. Базиран е на моќниот ID.5 GTX од кој се разликува по агресивниот изглед направен да изрази засилена желба за авантура. Повисокото и целосно затворено подвозје, 18-инчните пневматици со груб профил, модифицираните браници и проширените крила за автентичен теренски изглед се дополнети со ЛЕД светла на покривот. За максимални емоции се задолжени електромоторите со поголема моќност кои на сите четири тркала испорачуваат 388 коњски сили. Малку лутина не е на одмет, но батериите останаа истите од 82 kWh, за кои Германците не даваат одговор колкава автономија обезбедуваат. Нема одговор ни на тоа дали нешто од овој концепт ќе се пресели кај сериските модели.