Време е за пензија
» Ја преживеа наездата на SUV моделите, го преживеа и дизелгејт холокаустот, но не можеше да се спротивстави на електрификацијата – од идната година американската филијала на Volkswagen го испраќа Passat во пензија. Малкумина знаат дека токму тој а не Golf е носител на револуцијата на марката – Passat беше првиот модел на Volkswagen кој имаше погон на предните тркала и водено ладен мотор. Неговиот претходник K70 беше всушност модел на NSU, кој откако беше купен во 1969 година VW го лансираше под своите ознаки, а Golf, пак, се појави една година после Passat. Настана како фастбек изведба на механички идентичниот Audi 80, креиран од страна на Italdesign студиото на Џуџаро.
Веднаш по претставувањето го започна походот во Америка каде беше наречен Dasher по еден од елените на Дедо Мраз. За разлика од Европа каде Passat се продаваше во верзии со две и четири врати, во САД тој беше лансиран со три и пет врати, но и во својата караванска форма, на почетокот сите со 1,5 литарски мотор со 74 коњски сили, а подоцна и со 48-коњски дизел. Се произведуваше во Германија, а до 1982-рата кога беше заменет со втората генерација на Passat таму пласирана како Quantum, беа продадени 222.000 примероци. Вкупно од сите генерации, Volkswagen во САД има продадено скоро 1,8 милиони примероци од Passat.
Passat ќе биде пензиониран и во Европа, но само во својата лимузинска изведба – караванот и понатаму ќе продолжи да живее.