Чекањето се исплатеше
» Иако лидер со хибридните технологии, Toyota доста доцнеше со електричните возила заради што беше критикувана не само од еколозите – фактот дека уште во 1997 година Јапонците во Америка го имаа електричниот RAV4 едноставно беше игнориран. За разлика од него, новиот bZ4X е развиен од нула како електричен но и глобален модел. Со своето неизговорливо име прилично доцна дојде на сцената но затоа она што со себе го донесе го оправда чекањето. Настанат во соработка со Subaru, базиран е на нова платформа која го прави за 90 милиметри подолг од RAV4, од кој е и за 58 милиметри понизок и има за 160 mm поголемо меѓуоскино растојание.
Toyota bZ4x јасно се издвојува од останатите модели на марката со својот дизајн. Комбинира прогресивни линии, елеганција и робусност во исто време. Посебно се впечатливи остриот раб на хаубата и тенките светла кои даваат динамичност. Всушност комплетниот преден дел кој е без никаква маска е динамичен. Задниот дел се карактеризира со закосената петта врата, безмалку во купе стил, а сликата ја заокружува масивниот спојлер на покровот. Генерално, севкупниот впечаток е дека целиот дизајнерски јазик доста потсетува на моделите на Lexus.
Пространиот ентериер е развиен во согласност со најмодерните трендови на јапонскиот производител. Дизајнерите при креирањето на внатрешноста се имаат водено од две идеи – првата е „точно колку треба, ни повеќе ни помалку”, а втората „рацете на воланот, очите на патот”. Во реалноста и двете јасно се чувствуваат, а автомобилот нуди врвен простор за патниците. Материјалите во ентериерот се со премиум квалитет, а дисплеите пред возачот со одлична графика. Централниот екран е прилично високо поставен, така што кога се работи со него патот останува во видното поле. Интересно е што купувачите можат да се определат и за управувач во таканаречениот yoke стил со кој се подобрува видливоста на инструмент таблата. Заради централно сместениот електромотор на задната оска директно под багажникот, во него има потпросечни но сé уште доволни 452 литри простор. Како и што доликува, петтата врата се отвора по електричен пат.
Погонот може да биде на предните со еден или на сите четири тркала со два електромотора. Првата верзија располага со 204 коњски сили, а втората е за само 14 коњи помоќна. Нема некоја значајна разлика ниту кај вртежниот момент – 265 наспроти 336 Nm. Батериите сместени во подот се со капацитет од 71,4 kWh бруто и можат да се полнат на 150 kW. За нивната долготрајност се грижи системот за термичка контрола сместен одоздола по целата нивна површина кој ги следи напонот и температурата на сите 96 ќелии поединечно и по потреба ги лади или грее. Toyota верува во своето решение и е во можност да понуди извонредна гаранција за нив од 10 години или милион поминати километри. Забрзувањето од место до 100 km/h е за 7,5 секунди, а максималната брзина е ограничена на 160 km/h. Автономијата зависи од верзијата и изнесува 516 односно 470 километри.
Заради високата торзиона крутост на каросеријата и вртежниот момент достапен од нула вртежи автомобилот е пријатен за возење, а ослонувањето заедно со пневматиците со висок профил 235/60 R18 или 235/50 R20 одлично ги апсорбира нерамнините и дупките на патот. Иако заради ниското тежиште стабилноста е добра, тежината во свиоци сепак се чувствува. И покрај својот урбан и софистициран, да не кажеме нежен изглед, bZ4X располага и со теренски можности за кои е задолжен посебен режим на возење кој овозможува автоматско искачување или спуштање по стрмен терен, без интервенции на возачот. Постојат режими за возење и по снег или кал, а автомобилот може да помине низ вода длабока до половина метар.