Tags: , , ,
Toyota 2000GT (1967-1970) – фото-галерија, 4*видеа

Култно јапонско купе

» На почетокот на ’60-тите, Албрехт фон Герц, дизајнерот на BMW 503 и 507, отпатува во Јапонија во потрага по работодавачи кои би можеле да го платат за идејна поддршка во развојот на нови автомобили. За него се заинтересира Nissan кој го довери развојот на спортски двосед на Yamaha како технички партнер во проектот. Но кога првите прототипи веќе беа направени Nissan се повлече и Yamaha скоро завршениот проект го понуди на Toyota. На раководството на тогаш конзервативната компанија и се виде интересна идејата да имаат автомобил кој ќе ги привлекува луѓето во продажните салони и ќе го разбие имиџот на производител на безлични и здодевно практични возила, така што автомобилот беше префрлен на нивна механичка основа и доработен од страна на нивните дизајнери и инженери.

А тие го создадоа проучувајќи ги најпознатите европски спортски модели, земајќи го најдоброто од нив и правејќи го да биде подобро. Така подвозјето и ослонувањето безмалку се копија на генијалното решение на Колин Чепмен применето во првиот Lotus Elan, а дизајнот е со доста сличности на Jaguar E-Type, помалку на Porsche 911, па дури и со подоцна претставените Ferrari Daytona и Dino. Но без разлика на тоа 2000GT денес се смета за класика за себе, до толку што некои тврдат дека е најубавиот спортски автомобил било кога направен. А за три години колку се произведуваше, направени се само 351 примерок, сите во погоните на Yamaha.

Toyota 2000GT беше претставена на токискиот салон на автомобилите при крајот на 1965-тата, а производството започна две години подоцна. Совршено од сите агли, ова спортското купе високо само 116 cm освен во Јапонија официјално беше понудено уште и во Америка, заради чии прописи беа вградени светлата на подигнување кои малку ги расипуваат агресивните линии. Оставаше без здив како со дизајнот, така и перформансите но и со цената која не беше јапонски ниска – чинеше повеќе отколку Jaguar E-Type и Porsche 911. Дволитарскиот реден шестцилиндричен мотор беше презеден од големиот Crown и доработен во Yamaha. Со помош на три двојни карбуратори развиваше 150 KS при 6.600 вртежи во минута, што за таа зафатнина беше исклучителен резултат. Менувачот беше петстепен мануелен а перформансите зависеа од преносниот однос во диференцијалот – забрзувањето до 100 km/h беше меѓу 8,5 и 10,5 секунди, додека најголемата брзина варираше меѓу 205 и 220 km/h. Беше и прв јапонски автомобил со диск сопирачки на сите четири тркала, а имаше и убав тркачки потенцијал докажан низ победите во Јапонија и САД, каде беше подготвуван од Керол Шелби. Со елегантната внатрешност со командна плоча и арматура изведена во палисандер, успехот се чинеше загарантиран.

Но лицата со нејапонски пропорции имаа сериозни проблеми со сместувањето. Затоа и не чуди што за улогата во филмот „Се живее само двапати“, Toyota мораше да преработи два примерока во кабриолет за да може високиот Шон Конери да влезе, како и дека единствената позната личност која има купено 2000GT беше витката манекенка Твиги. Но таа и останатите ретки среќници кои се одважија да платат повеќе отколку за европската егзотика за да возат суперавтомобил од марка позната по мали и евтини возила, имаа во што да уживаат – возните својства беа исклучителни, до толку што дури и англискиот Autocar призна дека 2000GT прави сé што и E-Type, само со за половина помал мотор.

Факт е дека 2000GT беше брилијантен автомобил, исто како и дека Toyota и покрај високата продажна цена беше во загуба со секој произведен примерок. Но нивната цел не беше да заработат, барем не во овој случај, туку на светот да му покажат дека и Јапонците можат да направат врвен автомобил кој ќе го привлече вниманието на сите и ќе ги промовира како индустриска нација и автомобилска велесила. Во тој поглед успехот беше стоотстотен, угледот на компанијата порасна и ова ремек-дело остана без наследник. Сепак имаше еден славен полубрат – поттикнат со медиумскиот успех на 2000GT, во Datsun одлучија да го релансираат проектот што изворно го одбија од Yamaha, создавајќи сопствена верзија на она што Албрехт фон Герц оригинално го замисли. Така настана Datsun 240Z, кој сам за себе ќе достигне статус на подеднакво голема легенда.

Toyota 2000GT денес е исклучително баран колекционерски автомобил чии цени знаат да бидат седмоцифрени, иако му недостасуваат оние клучни особини кои главно ги поврзуваме со европските малосериски производители. Сепак има одлики да се квалификува во нивното ексклузивно друштво, а во Toyota знаат да го ценат тоа заради што според оригиналните спецификации лансираа лимитирано производство на одредени резервни делови кои се продаваат само на сопствениците на овој автомобил.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *