Tags: , ,
Toyota и Nissan не сакаат да плаќаат за Брегзит

Јапонците ќе бараат отштета од Британија

» Времето истекува, а владата на Велика Британија не е ниту малку блиску до некаков си трговски договор со ЕУ кој ако не би ги урамнотежил тогаш барем би ги ублажил последиците од Брегзит. За да ги поттикнат властите да се посветат посериозно на овој нуспродукт од едностраната одлука, Toyota и Nissan имаат намера да бараат отштета доколку ЕУ започне да им наплаќа царина за автомобилите произведени на Островот. Нормално, јапонските компании не ги потврдуваат овие наводи, општо изјавувајќи дека тоа ќе им го отежни работењето и донесувањето стратешки одлуки за понатаму. Сепак јасно е дека без договор за трговски режим, возилата Made in UK во Европа ќе подлежат на царински давачки од 10 отсто зголемени за сите други придружни трошоци. Тука е и проблемот со административните бариери и времето и документацијата потребни за нивно поминување, на кои јапонските директори посебно посочуваат.

Токму со тие аргументи Nissan претходно изјави загриженост за можното влијание што Брегзит без договор би го имал на нивното работење, навестувајќи дека тоа би им ги нарушило нормалното работење и профитабилноста и би можело да предизвика да ја преиспитаат одржливоста на нивната фабрика таму иако претходно изјавија дека во неа ќе се инвестираат дополнителни средства за производство на новата генерација на Qashqai. Сепак, во моментов почетокот на неговото производство е одложен за средината на следната година, што после одлуката за затворање на фабриката во Барселона може да се толкува како притисок. Зборовите и делата на Toyota не се толку милитантни, но сепак јасно е дека Јапонците сигурно веќе имаат направено прецизни анализи за оправданоста за функционирање на нивните капацитети во Велика Британија во случај на сите можни сценарија околу Брегзит. Од друга страна, британскиот премиер Борис Џонсон, неповрзано со автомобилската тема, рече дека сака да се склопи трговски договор со ЕУ пред истекувањето на преодниот период до крајот на годинава, но и дека ако не се случи тоа Британија може да се носи со таков исход.

Toyota има две, а Nissan една (и тоа најголемата британска ) фабрика, во кои се произведуваат Corolla (и неговиот пандан Suzuki Swace) и Qashqai, Juke и Leaf. Honda сé уште го произведува Civic во Свиндон, но заради причини како велат неповрзани со Брегзит ќе ја затвори фабриката идната година. Британската автомобилска индустрија тврди дека нерегулираниот Брегзит ќе ја чини земјата 110 милијарди евра во наредните пет години. Сумата ја зголемува и вредноста на деловите и компонентите што се увезуваат од не-ЕУ земјите како Турција за потребите на производителите за возила кои потоа се извезуваат на Континентот, бидејќи европските административци бараат локализацијата да изнесува 55 отсто (место 30 до 45 колку што навистина е) за тие да бидат признати како британски производ. Тоа всушност е и една од најголемите кочници зошто Британија која инсистира во тој процент да влезе и вредноста на деловите од земјите кои не се членки а имаат бесцарински режим со ЕУ, досега не мрдна од мртвата точка во трговските преговори. За илустрација за колкави суми зборуваме, британската автомобилска индустрија годишно од Јапонија која е четврти најголем добавувач после ЕУ, САД и Кина, увезува делови во вредност од 458, а од Турција за 306 милиони фунти. Ако на ова се додаде дека сите економски показатели во иднина ќе одат на штета на процентите и бројките бидејќи ќе се зголемува производството на електрични возила за чии (скапи) батерии во Британија нема капацитети, тогаш многу работи се појасни.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *