Конечно пристигнува и Cybertruck
» Со голема сенародна веселба наречена сајбер-родео, Елон Маск ја пушти во работа новата гигафабрика на Tesla во Тексас, каде е префрлено и седиштето на компанијата. Главното внимание на настанот беше посветено на електричниот пикап Cybertruck, за кој Маск им се извини на купувачите што толку долго чекаат на него, со ветување дека токму таму, во Тексас, неговото производство ќе започне идната година. Беше покажана и сериската верзија која се разликува по тоа што нема рачки на вратите – тие автоматски се отвораат откако возилото ќе го препознае сопственикот. Внимание привлече и најавата за нов производ – роботакси, за кој не беа дадени никакви детали.
Новата фабрика на Tesla во Тексас е најголема досега. Зафаќа корисна површина од дури 930 илјади квадратни метри (93 хектари, односно 0,93 квадратни километри) и има капацитет за производство на половина милион возила годишно кое може да се зголеми и двојно. Првиот автомобил што ќе се произведува таму е Model Y.