Од разбои за ткаење до вонбродски мотори
» Иако корените на Suzuki одат наназад до 1909 година, таа како официјален датум на своето основање ја наведува 1920-тата, кога Suzuki Loom Manufacturing започнува со работа. Но без разлика на датумот дејноста беше иста – производство на разбои за ткаење, сé до 1937 година кога нејзиниот основач Мичио Сузуки согледувајќи ги новите бизнис-перспективи разви прототип на автомобил. Втората светска војна ги прекина неговите планови и компанијата повторно се врати на разбоите, до 1952 година кога беше лансиран моторизираниот велосипед Power Free со мотор од 36 cm³ и една коњска сила. Инстантниот успех беше поттик компанијата да го смени името во Suzuki Motors во 1954 година, за во наредната ’55-та да го претстави првиот мотоцикл Colleda, од кој за шест години се продадоа околу сто илјади примероци.
Истата година се појави и малиот Suzulight, кој ги најави во Јапонија доста популарните кеи автомобили. Долг 3, широк 1,3 и висок 1,4 метри, му беше доволен двотактен мотор од 360 кубни сантиметри со 16 коњски сили. Од него се разви цела серија возила – седан, комби, пикап, а и сите возила на компанијата го носеа неговиот назив сé до 1965 година кога се појави Suzuki Fronte 800. Истата година се појавува и првиот вонбродски мотор. Клучна за автомобилите беше 1967-мата, кога се појави моделот 360 LC 10 со мотор сместен назад. Од него за една година беа направени скоро двесте илјади примероци, кои го промовираа Suzuki во најголем светски производител на двотактни мотори, а со отворањето на фабриката за мотоцикли во Тајланд компанијата започна да го шири производството интернационално. Покрај мотоциклите, името Suzuki го раширија низ светот уште два модела – LJ10, претходникот на Jimny односно Samurai претставен во 1970 година и Swift во 1983-тата, што беше зацврстено со Vitara во ’88.
Денес Suzuki делува под закрила на Toyota, има 33 фабрики во 23 земји и годишно произведува по 3 милион автомобили и 1,7 милиони мотоцикли.