Tags: , , , ,
Sony влегува во автомобилскиот бизнис (видео)

До кога ќе чекаме?

» На традиционалниот саем на електрониката CES кој се одржа пред пандемијата да стане реалност, Sony приреди вистинска сензација. Да се работеше за некој видео/аудио уред, за нова генерација на PlayStation или пак за некој целосно нов комуникациски уред, ќе разберевме, aма автомобил никој не очекуваше. И тоа каков? Луксузна лимузина со должина од 4,9 метри која се движи со помош на два електромотори и е опремена со најсовремени системи и со можност за автономно движење. При изработка на прототипот со ознака Vision-S како соработници се јавуваат врвните производители на компоненти: Magna, Continental, ZF и Bosch. Убаво друштво кое знае да испорача врвни резултати.

Sony Vision-S е поставен на нова платформа со меѓуоскино растојание од цели 3 метри. Двете оски се со двојни триаголни рамења и со по еден електромотор од 272 KS. Изненадувачки капацитетна основа. Затоа и податокот кој говори за забрзување за кое првата стотка се фаќа за прилично спортските 4,8 секунди, е очекуван. Претпоставуваме дека максималната брзина ќе претрпи електронско ограничување.

Кога се познати основните механички компоненти, доаѓа редот на областа во која јапонскиот електронски гигант е доминантен. И да не заборавиме, CES сепак е салон за прикажување на електронските и технолошките иновации. Кога веќе ќе се влезе во таа област, Sony има што да каже. Во Vision-S е најдоброто со кое Јапонците располагаат во моментот – од бројните сензори, камери, радари и ласери, преку обработката на сите добиени информации, па сé до извршните роботизирани команди.

На CES 2020 светот доби нов автомобилски производител. По импресивниот настап веќе никој не се сомнева дека прототипот ќе се слее во сериски автомобил, а светот ќе добие нов „играч“ во автомобилскиот бизнис. Прашање е само кога.

коментари:

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *