Популарен семеен автомобил кој пркоси на трендовите
» Гените на караван верзијата на Octavia датираат уште од 1960-тите години, но вистинската популарност на овој семеен автомобил започнува во 1998 година кога Škoda на салонот во Женева ја претстави негова модерна верзија. Оттогаш низ четирите генерации чешкиот производител продаде скоро три милиони каравани од овој модел. Еве како тие се менуваа низ времето.
Прва генерација
Робусниот и безбеден караван награден со четири EuroNCAP ѕвездички беше лансиран две години после дебито на лифтбек верзијата. Освен висината која беше зголемена за 19 милиметри надворешните димензии останаа исти, а багажникот порасна за 20 литри, на вкупно 548 односно 1.512 со соборена задна клупа. Модернизацијата на моделот во септември 2000-тата донесеа поинаков преден дел со нешто позаоблени светла и браник, а инженерите ги засилија централните столбови и просторот за моторот. Автомобил беше и малку подигнат со вградување на модификувана задна оска. Оваа генерација на Octavia се произведуваше дури до ноември 2010 година до коа беа продадени 470.600 каравани.
Втора генерација
Претставена на салонот во Женева 2004 година, во споредба со претходната генерација оваа Octavia имаше други мотори, помодерни технологии и поробусна каросерија. Маската доби трапезоиден облик, а браникот не се толку истакнуваше од каросеријата. Ретровизорите добија мигавци, а централните столбови малку беа зголемени. Истата година стигна и караванската верзија која имаше багажник од 580 литри, односно 1.620 со преклопени задни седишта. Лансирана беше и изведба со 4×4 погон на сите тркала, а една година подоцна се појави и спортската Octavia RS во двете каросериски верзии. Во 2007-мата пристигна Scout варијантата со заштитни пластики. За караванската верзија на втората Octavia се решија една третина од купувачите, вкупно 881.200.
Трета генерација
Пред крајот на 2012-тата беше претставена третата генерација на Octavia чиј надворешен изглед имаше конзервативни аглести облини. Автомобилот беше поставен на новата MQB А платформа, а багажникот на караванот имаше 610 литри. Во јануари 2017-та дизајнот беше ажуриран и изгледот на оваа генерација на Octavia се карактеризираше со поделените предни светла кои можеа да бидат опремени со ЛЕД технологија. Продадени се 1.195.500 единици.
Четврта генерација
Од сегашната генерација која дебитираше во ноември 2019 година прво беше покажана караванската а потоа лифтбек верзијата. Се темели на ажурираната MQB платформа чија клучна карактеристика е полесната прилагодливост за електрификација и Octavia за прв пат стана достапна со благо хибридни и плаг-ин агрегати. Внатрешноста беше целосно преуредена, со поголем фокус на дигитализацијата.
Баба Octavia
Старата Octavia настана во 1959 година како модернизирана преработка на популарниот модел 440 Spartak. Беше доста слична на својот претходник, практично без промени на каросеријата освен неколку помали детали вклучувајќи ги маската и задните светла. Поголемиот дел од иновациите беа во внатрешноста и на механиката – имаше нова контролна табла и предна оска со спирални пружини додека задната ги задржа лиснатите, со што доби подобрена управливост. Наредната година беше претставена Combi верзијата со рамен под и багажник во кој собираше од 690 до 1.050 литри која брзо стекна огромна популарност како на домашниот пазар така и во странство. Затоа и иако стандардната верзија во 1964-тата беше заменета со легендарната Škoda 1000 MB, караванот се произведуваше сé до 1971 година. Вкупно беа продадени 54.100 примероци. И покрај неколкуте прототипи кои не влегоа во сериско производство, наследник немаше сé до појавувањето на Forman шеснаесет години подоцна.