Tags: , ,
Simca 1100 (1967-1985) – 9*видеа

Технолошки претходник на Fiat 128, Golf и многу други

» Сите знаеме дека успехот на Golf го промени светот на автомобилите во кој завладеа денес доминантниот хечбек концепт. Како негов пионер секогаш се споменува Renault 16 а се заборава на Simca 1100 која има значајна улога. Токму овој автомобил беше детално простудиран во Волфсбург и придонесе за технолошка транзиција на гамата на Volkswagen која дотогаш се состоеше од возила со мотор назад. Во проектот на Simca за возило со погон напред започнат во 1962-рата се тестирани верзии со надолжно и попречно поставен мотор, за следната година откако Chrysler ја презеде контролата над компанијата дефинитивно да биде потврден концептот со попречно сместен мотор.

Кога во 1967-тата новиот автомобил се појави, ја одушеви јавноста. Практичноста на привлечната каросерија беше зголемена со преклопливата задна клупа, а пространоста максимизирана со низа напредни технички решенија. Должината од 3.945, широчината од 1.580 и височината од 1.448 mm, со големото меѓуоскино растојание од 2.520 mm беа пристојни габарити за тоа доба, а солидната изведба ја потврдуваше и тежината од 935 kg. Покрај пет и тривратните комби-лимузински изведба се нудеше и како караван исто  така со три или пет врати, но и како фургон со нормален и повишен покрив и пикап. Моторот изворно развиен за Simca 1000 имаше пет лежишта на коленестото вратило и глава со попречно струење со всисни и издувни вентили од спротивните страни на моторот. Имаше 1.118 cm³ и 60 KS, што беше доволно за пристојни перформанси – забрзување до сто за 18,5 секунди и максимални 135 km/h. За францускиот пазар се нудеше верзија со 944 cm³ и 48 KS, а посебно беше интересна спортската изведба со 1.294 cm³ и 82 KS која се препознаваше по дополнителните правоаголни светла за магла. За различни пазари и во различни временски периоди Simca 1100 се нудеше и со други агрегати и под други ознаки, а беше основа и за интересниот кросоверски Matra Rancho.

Simca 1100 беше бестселер во продажбата – првата целосна година беа произведени 138.242 примероци, во 1971-вата беше најпродаван автомобил во Франција, а врвот на популарноста го достигна две години подоцна кога беа произведени 296.984 примероци. Го носеше на плеќи несреќниот развој на настаните во кој здравата компанија полека пропаѓаше, за кариерата да ја заврши во 1985-тата, седум години по претставување на нејзиниот наследник Horizon, после 2.188.737 произведени примероци. Освен во Франција се произведуваше и во Шпанија и Шведска, а без значаен успех се продаваше и во САД.

https://www.youtube.com/watch?v=lwjadcvBcro

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *